Скопје, 2 јануари 2013 (МИА) – Во изминатите години стапката на невработеност континуирано се намалува, што според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, се должи на повеќе мерки и реформи што ги спроведува Владата, а најважно, како што истакнува во интервју за порталот Економски.мк, е што намалувањето на стапката на невработеност се случува во услови на економска криза, кога невработеноста се зголемува во сите европски земји.

Во интервјуто посочува дека во третиот квартал во 2012 година стапката на невработеност изнесува 30,6, што е најниска стапка последните осум години и е на пониско ниво од предкризниот период.

Меѓу мерките и реформите што ги спроведува Владата во насока на подобрување на состојбите на пазарот на труд ги напоменува мерките за поддршка на ликвидноста на компаниите преку ниските и рамни даноци, новиот модел на данок на добивка кој овозможи фирмите да имаат 0 проценти данок на добивка доколку не исплаќаат дивиденди и намалените социјални придонеси од 32 отсто на 26,5 отсто. Исто така, значајна е и поддршката на Владата за поттикнување на претприемништвото и приватната иницијатива (првенствено давањето кредити за отпочнување сопствен бизнис, формализирање на бизнисите, како и за намалувањето на сивата економија), активните мерки и политики за вработување кои се насочени кон лицата кои активно бараат работа, политиката на привлекување странски директни инвестиции кои отвораат нови работни места итн. Сите овие активности придонесоа за ублажување на последиците од кризата и влијаеја врз намалувањето на стапката на невработеност.

– За да може правилно да се димензионираат мерките и политиките за зголемување на вработеноста, како и правилно да се насочат, потребно е да се има јасна слика за бројот на невработени лица кои активно бараат работа. Во таа насока, преку измени на законската регулатива се овозможи раздвојување на правото на задолжително здравствено осигурување и условот за регистрирање како невработено лице за стекнување на тоа право. Тоа придонесе за значителното намалување на бројот на невработените лица, вели министерот Ставрески.

Во врска со носењето на буџетот за 2013 година, вели дека постоеја две главни закани доколку не се изгласаше и не се обезбедеше неговото финансирање со поволните кредити од Светска банка, од кои понатаму ќе произлезеа и други последици.

– Првата и најважна е дека под знак прашање ќе се ставеше редовната исплата на пензиите, социјалната помош, субвенциите за земјоделците, исплатата на обврските кон фирмите, реализацијата на капиталните инвестиции – изградбата на патишта, на училишта, болници. Покрај ова, немаше да може да се зголемат пензиите, социјалната помош и субвенциите. Стопанството и граѓаните ќе беа во грч, што ќе влијаеше на општата економска активност и приходите во буџетот. Банките ќе прекинеа да ја финансираат државата, кој би финансирал држава ако нема донесено буџет, што ќе беше уште еден удар врз ликвидноста на буџетот и стопанството, истакнува Ставрески.

Тој додава дека втората е оти ќе се нарушеше имиџот на Република Македонија. – Кога знаете дека една држава не може да донесе буџет, тогаш поставувате прашање дали таа воопшто е способна да донесе било каква политичка одлука. Тоа е лош сигнал и за странските инвеститори и кредитните агенции, но и за меѓународните финансиски институции и за Европската Комисија. Дури и да обезбедевме средства од некоја банка или со еврообврзница, во такви околности сите ќе бараа енормно висока камата. Според нашите пресметки, тоа ќе ја чинеше Република Македонија преку 84 милиони евра, непотребно фрлени пари, вели министерот, додавајќи дека се на се, последиците кои произлегуваа од овие две закани се повеќедимензионални: финансиски, социјални, политички и оти со изгласување на буџетот се спречи криза во економијата, но и воопшто во земјава.

Во интервјуто ги отфрла обвинувањата од опозицијата дека се турка земјава во грчко сценарио. – Еве неколку факти кои зборуваат кој е во право: Долгот на централна влада на крајот на октомври 2012 година изнесува 30,6% од БДП. Само за потсетување, државниот долг на Република Македонија на крајот на 2005 година изнесуваше 38,2% од БДП. Грција има долг од 175% од БДП. Каде е сличноста? Да потсетам и тоа дека истиот тој СДСМ во два мандати ја има задолжено Република Македонија со 1.545 милиони евра. Владата во периодот 2007-2012 отплати 367,5 милиони евра кредити земени во времето на СДСМ, а од 2013 до 2020 ќе отплатиме уште 459,1 милиони евра исто така земени кредити во време на СДСМ. СДСМ во повеќе свои мандати имаа земено 7 заеми за буџетска поддршка, исти такви какви што сега ни дава Светска банка и за кои што пишуваа срамни писма, брукајќи се пред меѓународните финансиски институции, истакнува министерот за финансии.

Најдобриот одговор на многубројните неосновани критики од страна на опозицијата за високото ниво на задолженост на државата, како што вели министерот, стигна од страна на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои искажаа позитивни оценки за стабилната фискална политика и ниското ниво на задолженост на Република Македонија.

Тој додава дека покрај ова, и реномираните меѓународни кредитни рејтинг агенции Фич и Стандард и пурс не го намалија кредитниот рејтинг на Република Македонија потенцирајќи ги умерената задолженост, нискиот буџетски дефицит, квалитетните економски политики, стабилниот финансиски сектор и приливот на СДИ како потенцијал за економскиот раст во следниот среднорочен период. Исто така, тие наведоа дека Република Македонија е далеку под нивото на задолженост од земјите кои се на исто рамниште според кредитниот рејтинг ББ.

Согласно последните податоци објавени во Еуростат, како што наведува министерот во интервјуто, Република Македонија и понатаму останува четврта најниско задолжена земја во Европа.

После сите овие факти каде некој гледа сличност со Грција, како што наведува Ставрески, очигледно дека СДСМ се единствени што гледаат сличност, и затоа се во изолација по ова прашање.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.