Скопје, 14 март 2014 (МИА) – Нови инвестиции со неколку илјади нови вработувања да се реализираат годинава, и тоа во општини каде што досега нема странски инвестиции, најавува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за МРТВ.

– Имаме во најава неколку крупни инвестиции за оваа година, коишто ќе донесат уште неколку илјади нови работни места, и во оваа фаза, нормално, не може да се зборува за имиња, но може да се каже дека нашата цел е дел од тие инвестиции да завршат во градови, во општини каде што претходно немаме странски инвестиции, со цел и таму да имаме вработувања на поголем број луѓе, истакнува Ставрески.

Додава дека долгогодишните напори на Владата веќе резултираат со тоа Македонија да стане успешна приказна во делот на странските инвестиции. – Имаме присуство на повеќе глобални компании – светски компании, кои по втор, а некои и по третпат се одлучуваат да инвестираат во нови фабрики. Поради присуството на овие глобални имиња, постепено решаваат да дојдат и нивните добавувачи. Велат: штом „Џонсон Мети“ и „Џонсон Контролс“, „Кемет Електроникс“ или „Дрекслер Маер“ решиле да влезат во Македонија, а некои решиле да инвестираат и по вторпат , тоа е потврда дека оваа земја има добра бизнис клима, дека Владата е сериозна и обезбедува транспарентност и добри услови за бизнис, ниски даноци, има квалитетна работна сила во земјата, слободните економски зони се добро инфраструктурно опремени, и сето тоа им влева сигурност на инвеститорите, истакнува Ставрески.

Најавува дека во текот на оваа година, само во постоечките фабрики ќе се вработат околу 6 илјади лица кои заедно со претходната бројка од шест и пол илјади ќе донесе бројка од 12,5 до 13 илјади вработувања во слободните зони, во индустриските зони. Тоа, според министерот Ставрески, е една сериозна бројка, што, како што рече, добро дојде за намалување на невработеноста како клучна цел на Владата. – Оваа стапка што ја остваривме со намалувањето на невработеноста под 30 проценти, а последната од 28,7 проценти, покажува дека чекор по чекор и во вакви тешки времиња, какви што беа претходните години, имаме намалување на невработеноста, вели Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.