Пробиштип, 9 мај 2014 (МИА) – Потврдениот стабилeн кредитен рејтинг на Македонија од агенцијата Стандард и Пурс е добар сигнал за нови инвестиции, оцени денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– S&P е една од трите најголеми рејтинг агенции во светот и нивната потврда на кредитниот рејтинг која ни ја соопштија денес е секако добар сигнал дека македонските политики се добро поставени, вклучително нивото на долгот кое е оценето како умерено, како и фискалната политика, монетарната политика, банкарскиот сектор, но и подобрување на состојбите со невработеноста каде имаме намалување на бројот на невработени, изјави Ставрески при денешната посета на Пробиштип.
На Македонија, посочи Ставрески, ѝ е потврден рејтингот во услови кога во други држави тој се намалува.
– Во вакви релативно тешки времиња, кога во други земји, како Хрватска, Украина… се намалува рејтингот, на Република Македонија и е потврден рејтингот. Го задржавме стабилниот рејтинг и тоа е добар сигнал и за странските инвеститори, но и за домашните инвеститори дека може да сметаат на предвидливи и добри услови за работа, рече Ставрески.