Прилеп, 16 март 2016 (МИА) – Работите на еден од најкрупните проекти во регионот, пречистителната станица во Прилеп, се одвиваат без застој, а според временските услови очекуваме во текот на годинава да биде готова, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на локацијата каде се одвиваат работите.
– Пречистителната станица е еден од најкрупните проекти заедно со обновата на канализационата мрежа, кој еднаш засекогаш ќе го реши прашањето за третман и прочистување на отпадните води за градот Прилеп. Се работи за проект финансиран од програмата ИПА на ЕУ заедно со македонската влада, во вкупна вредност од 26 милиони евра, од кои 10 милиони евра за пречистителната станица, а 16 милиони евра за обнова на канализацијата. Пречистителната станица треба да биде готова до крајот на годинава, а обновената канализациона мрежа од 65 километри до пролетта 2017 година, изјави Ставрески.
Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, со овој проект, заедно со проектите за водоснабдување и за изградба на фабрика за селектирање на отпадот, се подобрува животот на граѓаните во Прилепско.
– Овој проект, финансиран со средства од ЕУ и од Буџетот на Република Македонија, претставува еден од најзначајните проекти во Прилеп. По решавањето на проблемот со водоснабдувањето, решавањето на проблемот со третманот на отпадните води ќе биде од голема важност и заедно ќе значат подобрување на условите за живеење во Прилеп. Нареден проект е изградба на фабрика за селектирање на отпадот. Со овие три проекти Прилеп ќе се вброи меѓу градовите што ќе имаат европски активности, рече Ристески.
Директорот на прилепски „Водовод и канализација“, претпријатието кое ги координира работите при изградбата на пречистителната станица, Сашо Николоски, нагласи дека ќе се стигнат роковите и за обновата на канализационата мрежа и за пречистителната станица.
– Работите во двете фази се во тек и тоа за реконструкција на канализационата мрежа и за изградба на пречистителната станица. Првата фаза за изградба на канализационата мрежа од 23 километри заврши, почна втората фаза на изградба на уште 45 километри од канализационата мрежа. Се интензивираат активностите за изградбата на станицата која ќе биде готова до крајот на годинава, вели Николоски.
Вицепремиерот Зоран Ставрески ги посети и погоните на текстилната фабрика „Тритекс“ во Прилеп, која гради и нов погон во индустриската зона „Прилеп 1“, со што ги проширува капацитетите, ќе вработи нови работници и ќе го зголеми пласманот на странските пазари.
Попладнево од 15.30 часот во големата сала на локалната самоуправа, Ставрески ќе го промовира проектот „Купи куќа за млади“, за што во Прилеп се одвоени 370 плацови во населбата „Градина“.