Скопје, 7 март 2014 (МИА) – Растот на индустриското производство и зголемувањето на бројот на работници во индустријата во јануари е позитивно и ќе даде силен имплус врз развојот на економијата оваа година, изјави денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Коментирајќи ги најновите статистички податоци за растот на индустриското производство од 6,4 проценти, министерот Ставрески оцени дека трендовите во индустријата се добри и оти тоа претставува поддршка за постигнувањето на предвидениот економски раст за годинава. Според него, значајно е и креирањето нови работни места во индустријата.
– За 6,5 проценти е зголемен бројот на работници во индустријата само во јануари годинава во однос на истиот месец минатата година, а ако споредиме со 2006 година имаме зголемување на бројот на работници во индустријата за околу 27 илјади. Ако се има предвид дека во поголем дел од овој период имавме светска и европска криза и во голем број земји имаше отпуштања од работа, а кај нас има зголемување на бројот на вработени, посебно во фабриките што се лоцирани во зоните, тогаш секако дека ова се позитивни движења и очекувам тоа да даде силен импулс врз развојот на економијата оваа година, потенцира вицепремиерот Ставрески.