Скопје, 2 ноември 2015 (МИА) – Расте бројот на издадени полиси за осигурување во земјоделството. Податоците покажуваат дека земјоделците имаат склучено 3.784 договори за осигурување на своите посеви, на кои, пак, Владата им покрива 60 проценти од трошоците.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, денес по повод Денот на осигурувањето, рече дека осигурувањето во земјоделството годинава бележи раст од 63 проценти во однос на претходната година.

Почнувајќи од 2008 година Владата воведе мерка за помош за премии за осигурување за примарното земјоделското производство, природни непогоди и неповолни климатски настани. Бројот на склучени договори континуирано расте. По почетните проблеми од 2008 година кога имавме само 146 барања, веќе во 2015 година нивниот број е 3.784 склучени договори, а бруто полисираната премија изнесува 181 милион денари, односно бележи пораст од 63 проценти во однос на минатата година, истакна министерот за финансии.

Comments are closed.