Скопје, 18 јуни 2015 (МИА) – Македонија минатата година оствари добри економски резултати и го реализира Буџетот согласно очекувањата и предвидената рамка, рече денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Изнесувајќи ја Предлог завршната сметка за ланскиот Буџет, Ставрески нагласи дека во 2014 година е остварен економски раст од 3,8 проценти, што е втор најдобар резултат во Европа по Ирска, странските директни инвестиции достигнаа 262 милиона евра, или 10 милиони повеќе од 2013 година, невработеноста се намали за еден процентен поен и изнесува 27,6 отсто, а се реализира и предвиденото зголемување на пензиите, како и обврските во однос на земјоделските субвенции.

Остварени се приходи во износ од 145 милијарди 929 милиони денари или 94 проценти од планираните, додека расходната страна на Буџетот се реализира со 96 проценти од проектираното.

– Реализацијата на Буџетот овозможи добри економски резултати и задржување на фискалната и макроекономската стабилност, што е значајно за Македонија како мала земја во која мора да се води сметка за вкупното ниво на долг и на буџетскиот дефицит, а од друга страна Буџетот да се искористи како главен инструмент за поддршка на економскиот раст, истакна вицепремиерот.

Според него, економскиот раст главно беше придвижен од бруто инвестициите и извозот. Извозот забележа раст од 17 проценти што најмногу се должи на производството во капацитетите во слободните економски зони, а беше поткрепен и со постепеното подобрување на состојбите во европската економија која забележа раст од 1,4 отсто.
– Добро е што растот на извозот беше придвижен и со промена на структурата на извозните производи кон продукција со повисока технолошка вредност. Бруто инвестициите исто така имаат двоцифрена стапка на раст од 13,5 проценти, пред сè како резултат на значајните инвестиции во јавниот и приватниот сектор, најмногу во градежништвото, посочи Ставрески.

Позитивните движења на економски план, оцени министерот за финансии, се одразија и врз намалување на стапката на невработеност. Просечната стапка на инфлација, пак, беше минус 0,3 отсто, што е резултат главно на цените на течните горива, односно на нафтата која имаше надолен тренд на светските берзи.

– Како резултат на овие движења, дефицитот на тековната сметка  изнесуваше 1,3 проценти што е пониско за 0,5 процентни поени во однос на 2013 година, а странските директни инвестиции (СДИ) достигнаа 262 милиона евра што е за 10 милиони или за 4 отсто повеќе од 2013 година. СДИ достигнаа 3,1 процент од БДП што е слично на нивото од 2013 година, бруто девизните резерви изнесуваат две милијарди 432 милиона евра или за 22 процента повеќе од 2013 година, а тоа во добар дел се должи на издавањето на еврообврзницата, рече Ставрески.

Фискалната политика, додаде, како една од клучните во 2014 година, се реализираше во насока на одржување стабилност и одржливост на нивото на буџетски дефицит и јавен долг, истовремено овозможувајќи поддршка на развојот на економијата и исполнување на обврските кон социјалните категории.

– Во рамки на планираните износи на Буџетот, се остварија 145 милијарди 929 милиони денари приходи и тие се наменети за финансирање на расходите кои достигнаа 168 милијарди и 62 милиона денари. Ваквото ниво на буџетски приходи и расходи резултираше со дефицит кој беше во рамките на очекувањата. Вкупните приходи се остварени на ниво од 94 проценти од планираните што е малку подобро од вообичаената динамика. Во тоа најмногу придонесоа приходите по основ на ДДВ (51,5 отсто) и акцизите, околу 20 проценти, истакна вицепремиерот.

Неданочните приходи се 10 милијарди 634 милиони денари, главно по основ на такси, концесии,…, додека капиталните приходи достигнаа 1 милијарда и 874 милиони денари, од кои половината се дивидендата од Телеком.

Тековните расходи беа 2,4 отсто пониски од планираното и нивната реализација овозможи редовно извршување на сите активности на буџетските корисници. Учеството на трансферите е 71 процент во рамки на тековните расходи, платите се околу 15 проценти, стоките и услугите околу 10 проценти, додека 3,4  отсто се каматните плаќања.

– Во 2014 година се реализираше зголемувањето на пензиите и социјалните надоместоци за 5 отсто, согласно со планираното во владината програма. Вкупно 296.000 пензионери добија зголемени пензии кои во просек изнесуваа 12.487 денари. Соодветно на планираното, се реализираа и обврските во однос на земјоделските субвенции, а капиталните расходи достигнаа 17,623 милијарди денари што е за 6 отсто повеќе од 2013 година, нагласи вицепремиерот.

Според него, капиталните расходи се однесуваа на големиот број инфраструктурни проекти меѓу кои и најкрупните: Коридорот 10 (делницата Демир Капија-Смоквица) каде беа реализирани 2,292 милијарди денари, реконструкција на железничката пруга на истиот Коридор и на пругата во еден дел кон Бугарија во износ од 529 милиони денари, вложувањата во енергетиката и комуналната инфраструктура – 2,260 милијарди денари  и технолошките зони  – 267 милиони денари, потоа инвестиции во здравството – 1,228 милијарди денари, како и во образованието, спортот и детската заштита – 1,491 милијарда денари, земјоделството и руралниот развој – 957 милиони денари и правдата и правосудството – 213 милиони денари.

Финансирањето на буџетскиот дефицит се реализираше преку комбинација на домашни и надворешни инструменти, со емисија на државни хартии од вредност и на еврообврзница во износ од 32 милијарди и 225 милиони денари.

– Како резултат на реализацијата на минатогодишниот Буџет, Македонија и натаму го одржува нивото на  долгот на умерено ниво и според предвидената динамика. Државниот долг на крајот од 2014 година достигна 38,2 процента од БДП. Во таа цифра е вклучена и еврообврзницата, но ова ниво подоцна, во текот на 2015 година, дополнително се намали бидејќи исплаќавме обврски со средствата што беа земени со еврообврзницата како и со домашните хартии од вредност, потенцира Ставрески.

И оваа цифра од 38 проценти, нагласи, е четврт најнизок државен долг во ЕУ во однос на останатите земји.

Во текот на 2014 година, Македонија доби уште една потврда на рејтингот од двете најреномирани агенции, врз база на стабилните фискални и макроекономски  параметри.
Комисијата за финансирање и буџет претходно ги поддржа и предлог измените на Законот за персонален данок на доход, по што одлучи да се дадат на натамошно, второ читање.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.