Луѓето што денеска садат дрвца ја сакаат природата и сакаат други луѓе бидејќи само човек што сака да создаде подобри услови за иднината е подготвен да сади дрво, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој засади дрвца на локалитетот Марково крувче на Средно Водно.
 
Укажа на значењето на денешната акција „Ден на дрвото“ што се одвива под мотото „Садиме заедно со нас“ и порача дека садењето дрвца е обврска како за денешните, така и за идните генерации.
 
Според вицепремиерот, меѓу садењето и растењето дрва и економијата има голема аналогија, бидејќи, како што рече, и едното и другото барат добра основа. И дрвата и економијата, нагласи тој, низ годините што доаѓаат ќе бидат изложени на предизвици, но ќе бидат жилави и верувам дека успеат да израснат за доброто на Република Македонија.
 
Ставрески укажа дека благодeтите на природата денес сите ги уживаме поради подвизите на тие што пред десет или дваесет години засадиле дрвца.
 
– Веруваме дека и други луѓе во државава по десет или давесет години ќе ги уживаат користите од оваа акција која доби и меѓународни димензии и Македонија стана препознатлива по тоа, изјави Ставрески.
 
Иницијаторот на акцијата маестро Борис Трајанов вели дека во тек на акцијата се планира засадување на седум милиони дрвца доколку дозволат временските услови.
 
– Не може да се засадат сите за еден ден, не сме ловци на рекордни. Нам ни е важно тоа што поради оваа акција, поради желбата за садење и на народот, на власта и на невладините организиации, по 2,5 години веќе има резултати и се гледа како растат садниците, рече Трајанов.
 
Од друга страна, посочи, свеста за садење е енормно подигната.
 
– Насекаде се зборува за дрвцето, насекаде се сади и надвор од акцијата во парковите, приватните куќи, рече Борис Трајанов.(МИА)