Струмица, 25 септември 2015 (МИА) – Следната година 21 милијарда денари ќе се издвојат за изградба на патишта, и тоа на трите автопати Скопје – Штип, Кичево – Охрид и Демир Капија – Смоквица, како и бројни регионални патишта меѓу кои патот од Радовиш до Штип и од Штип кон Кочани, кој ќе почне да се гради следната година и ќе овозможи подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансиии Зоран Ставрески, кој денес е во посета на општина Босилово.

Вицепремиерот нагласи дека Буџетот за 2016 година има силна развојна компонента и историско највисоко ниво на капитални инвестиции во вкупна вредност од  37,5 милијарди денари.

– Конкретно, за струмичкиот регион, по изградбата на патот од Струмица до Радовиш, како и експресниот пат од Радовиш до Штип, ќе се подобри конкурентноста на економијата. Исто како и со изградбата на автопатот од Штип до Скопје, со што од Струмица до Скопје ќе се стигнува за помалку од еден и пол час. Тоа ќе овоможи развој на регионот на југоисточна Македонија и подобрување на конкурентноста на фирмите. Покрај тоа има и други инфраструктурни проекти кои се од значење, како што е почетокот на изградбата на Клиничката болница во Штип, изградбата и реновирањата на училиштата, на спортските објекти, на комуналната инфраструктура, изјави вицепремиерот Ставрески.

Тоа, како што рече, се проекти вградени во Буџетот и ќе дадат импулс за развој на македонската економија, односно да го постигнеме очекуваниот раст од 4 отсто.

Comments are closed.