Штип, 23 јуни 2014 (МИА) – Изградбата на експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, железничката пруга, како и енергетското поврзување од Штип до Црвена Могила и отворањето на новите гранични премини, се заедничките приоритети на Македонија и Бугарија.
Тоа го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со бугарската вицепремиерка за економски развој , Даниела Бобева , на Македонско – бугарските бизнис експо денови, кои се одржуваат во Штип и Кочани.
– Подобрувањето на патната инфраструктура е приоритет број еден, патот од Скопје до Софија сега не е најдобар, односно потребно е повеќе време да се дојде од едниот до другиот главен град и нашиот фокус ќе биде подобрување на сета патна инфраструктура што ја поврзува Македонија со Бугарија, како во делот на патиштата, така и во делот на железницата, рече Ставрески.
Првиот проект што ќе го реализираме и што веќе е во тек, додаде, е изградбата на пругата од Куманово кон бугарската граница. – Тоа е проект којшто е во прва фаза и веќе е започнат, до 2016 година ќе се заврши, а во 2016 година почнува втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка, а потоа третата фаза од Крива Паланка до бугарската граница. Верувам дека на тој начин ќе се отворат нови перспективи за транспорт на стока и патници и ќе се овозможи користење на пристаништето во Варна како една алтернатива на солунското пристаниште, што е значајно за конкурентноста на македонската економија, посочи Ставрески.
Кон крајот на 2015 година или почетокот на 2016 година, најави Ставрески, ќе стартува и изградбата на нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, кој ќе биде со четири ленти, а на граѓаните и на фирмите од Македонија ќе им овозможи побрз транспорт и комуникација со Бугарија.
Бугарската вицепремиерка Бобева истакна дека и на Бугарија приоритет и е подобрување на инфраструктурата до Македонија, но и отворање нови гранични премини со цел да се развива трговијата меѓу двете земји.
Еден исклучителен потенцијал гледаме во индустријата, како и заедничко излегување на пазарите, односно заемно помагање на индустријата меѓу двете страни , од една страна на Македонија и од една страна на Бугарија, како и заеднички извоз на производи на трети пазари, рече Бобева.
Голема перспектива за соработка гледаат и во заедничкото презентирање на туризмот, со понуда на заеднички туристички аранжмани за европските туристи кои би ги посетиле историските и атрактивните туристички места на двете земји.
Двајцата вицепремиери истакнаа дека трговската размена меѓу двете земји од 520 милиони евра треба да ги мотивира двете страни заеднички да седнат и преку дијалог да ја зголемат соработката.
На Македонско- бугарските бизнис експо денови денес присуствуваа и претседателот на Македонско-бугарската бизнис комора , Зоре Темелковски и претседателот на Трговско-промишлена палата , Цветан Симеонов, кои истакнаа дека овој бизнис форум треба да му овозможи на бизнис секторот поголема соработка, но и реализација на заеднички проекти во делот на бизнисот но и на инфраструктурата. Организатори на Македонско- бугарските бизнис експо денови се Македонско – бугарската бизнис комора, Општина Штип, Центарот за развој на источен плански регион и Универзитетот „Гоце Делчев“од Штип.