Законот за финансиска дисциплина кој денес стапува во сила, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески значително ќе ја подобри ликвидноста на македонското стопанство.

– Станува збор за едно барање на домашните фирми во Република Македонија, кое предвидува воведување рокови за плаќање на обврските меѓу субјектите од приватниот сектор, но и кога приватните субјекти работат со државата, изјави денес Ставрески одговарајќи на новинарски прашања по средбата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со здруженија на земјоделци.

Според него, со воведувањето стриктни рокови, како и со обврската да се плаќа во предвидените рокови, потоа предвиденото плаќање прекршочна казна и камата ако се отстапи од тие рокови, ќе се прекине практиката на неплаќање на обврските што, како што вели, на некој начин го правеа и некои фирми кои имаа добра ликвидност.

– На некој начин се создаде култура на неплаќање на обврските, што не е добро за една пазарна економија и за функционално домашно стопанство, при што голем број фирми се жалеа од таа ситуација и бараа да се изнајдат инструменти со кои ќе се прекине. Токму со Законот за финансиска дисциплина излегуваме во пресрет на тие барања, истакна Ставрески.

Тој додаде дека тоа е практика и во други земји што се членки на ЕУ и изрази уверување дека сите субјекти кои работат во сферата на легалната економија и оние кои имаат добра намера да работат и склучуваат трансакции и да ги плаќаат обврските, со овој Закон ќе бидат заштитени и тој ќе наиде на нивна поддршка.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.