Планираната цел со дадените поволности за увоз на половни возила и дополнителните шест месеци за пререгистрација на возилата со странски регистарски таблични, е постигната, бидејќи граѓаните добија можност да дојдат до возила и се обнови возниот парк во државата со подобрување на нивниот просечен квалитет и со повисоки еко – стандарди, изјави денеска вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески на заедничката прес-конференција со директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.
 
Во изминатите месеци откако беа донесени мерките на Владата вкупно се увезени 51.225 возила, од кои 5.480 се нови, а 45.745 употребувани.
 
– Тоа значи дека преку 51.000 граѓани, односно семејства во Македонија им се овозможи да купат возило, било ново или употребувано. Вкупниот увоз на возила е зголемен за четири пати, а кај половните за 15 пати. Нето ефектите во буџетот изнесуваат 11 милиони евра, рече Ставрески.
 
Тој појасни дека со владините мерки граѓаните ги искористија повластиците што им беа понудени при што наместо 2.800 евра, плаќаа вкупно 700 евра по увезено возило.
 
– Владата нема да застане тука. Охрабрена од успехот на овие мерки ние и во 2011 планираме да продолжиме со намалување на царината, односно со дополнително смалување на трошоците преку тоа што ќе воведеме нула проценти царина за увозот на возила од ЕУ, истакна вицепремиерот Ставрески.
 
Каргов појасни дека со мерките најмногу се намалени акцизите посебно кај употребуваните возила од 900 на 43 евра просечно и од 380 на 117 евра за царина. Во буџетот на основа на царина се остварени шест милиони евра, а пет милиони евра вкупно од акциза. Во однос на структурата на возилата, има огромно намалување на интересот за пониски категории на возила до 1.000 метри кубни од 9,2 за минатата година на 3,2 проценти оваа година, наспроти зголемувањето од 4,7 на 26,3 отсто за возилата од повисока категорија.
 
Од вкупно 46.000 илјади увезени половни возила, околу 10.000 се возила кои се возеле на патиштата во Македонија, вели Каргов.
 
Во однос на користењето на половни возила со странски регистарски таблички по 30 септември, сопствениците ќе можат кумулативно да ги користат шест месеци во една година на територијата на државата, по што ќе следуваат соодветните пропишани мерки.
 
– Се евидентира кога тоа возило влегува во Македонија, истовремено граѓанинот што влегува со такво возило треба да има точно дефинирано каде живеее, дали во Македонија или во друга држава. Тоа не значи дека во Македонија нема да може да се управува возило со странски регистарски таблички, туку мерките ќе се однесуваат за тие што не ги почитуваат одредбите за привремен увоз на возила, рече Каргов одговарајќи на новинарско прашање.(МИА)