17 октомври 2018, Скопје – Статистичките податоци се предуслов за носење на квалитетни одлуки. Еден од приоритетите на Министерството за финансии, како дел од националниот статистички систем, е да произведе поквалитетни податоци и истите да се направат подостапни за граѓаните и институциите. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски денес на конференцијата „Подобри податоци денес за подобро утре“ организирана по повод Денот на европската статистика.

Тевдовски во своето обраќање рече дека министерството изминатата година активно работело на подобрување на квалитетот на податоците во доменот на владината финансиска статистика.

– Едно значајно достигнување беше изработката и доставувањето на податоците за извршувањето на буџетот во годишната база на ММФ за владина финансиска статистика. Македонија за првпат достави вакви податоци. Тие се во согласност со најновата методологија на ММФ (GFSM 2014) и се споредливи со другите земји. Започнавме квартално да известуваме за јавниот долг во Базата на податоци на Светска банка за статистиката на долгот во јавниот сектор – рече Тевдовски.

Министерот за финансии рече и дека се прави усогласување со европските стандарди. Заедно со Државниот завод за статистика и Народната банка, Министерството работи на распоредување на институционалните единици по сектори, на статистика на нефинансиска и финансиска сметка и подготовка на табели за прекумерен дефицит и долг. Министерот рече и дека е дадена согласност за приклучување на Специјалниот стандард за дисеминација на податоци на ММФ плус (SDDS plus), кој што е највисок стандард на ММФ каде досега пристапиле само 17 земји.

Тевдовски истакна и дека покрај квалитетот на податоците, се работи и на зголемување на транспарентноста и достапноста на истите.

-Покрај квалитетот на податоците, работиме и на зголемување на транспарентноста и достапноста на истите. Транспарентноста е важен инструмент за подобрување на ефикасноста на јавните финансии. Изминатава година преземавме низа чекори за да ги направиме податоците подостапни за јавноста. Се објавуваат податоци за извршување на буџетот кои претходно не се објавувале, а зголемена е и фрекфенцијата на објавување. Со Граѓанскиот буџет, податоците станаа подостапни и разбирливи за граѓаните кои не се економисти. Подобрувањето на фискалната транспарентност беше нотирано и во извештајот на Советот на ЕУ за напредокот на земјата.-рече Тевдовски.

Тевдовски рече дека стратешки цели и приоритети на Владата се НАТО и ЕУ интеграциите, пораст на животниот стандард и подобар живот за граѓаните. Тој посочи дека добрите статистички податоци се основа за носење на политкитe за постигнување на овие цели.

На конференцијата присуствуваа и премиерот Зоран Заев, гувернерот на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска, генералниот директор на Евростат Мариана Коцева, евроамбасадорот Самуел Жбогар, претседателот на МАНУ Таки Фити и претставници од научната заедница.

Comments are closed.