2 ноември 2018, Скопје – Државните хартии од вредност ќе котираат на Македонската берза. Тие ќе станат достапни и за странските институционални инвеститори, а зголемената побарувачка ќе придонесе да се намалат каматите за државата. Ова го најави министерот за финансии Драган Тевдовски на шестиот Ерсте инвеститорски појадок.
– Сведоци сме на раздвижување на Македонската берза. Од почетокот на годинава има значајно зголемување и кај обемот и кај вредноста на МБИ10. Во оваа насока сакам да најавам дека Министерството за финансии е во преговори со Македонска берза државните хартии од вредност да почнат да котираат на берзата. Тие ќе станат достапни и за странските институционални инвеститори. Зголемената побарувачка ќе придонесе да се намали каматниот трошок на државата. А, ќе се зголеми и ликвидноста и транспарентноста со секундарното тргување – рече Тевдовски.
Министерот за финансии посочи дека Министерството за финансии ја следи европската практика на пазарот на капитал. Согласно тоа, Законот за хартии од вредност, донесен во 2005 година, ќе биде заменет со два нови закона.
– Со нив ќе се подигнат стандардите за транспарентност на пазарот и ќе се воведе повисоко ниво на заштита од злоупотреби согласно со европската практика. Во дизајнирањето на реформите значајна улога има и Советот за развој на пазарот на капитал, каде што покрај регулаторите членуваат и асоцијациите на банки, на хартии од вредност, супервизија на осигурување и инвестициските фондови – рече Тевдовски.
Министерот за финансии истакна дека Владата е посветена на реформскиот процес. Тој посочи дека бизнис-климата е подобрена и дека Владата има фер третман кон сите инвеститори. Се работи на системски решенија во јавните финансии, а веќе е значајно подобрена фискалната транспарентност, нагласи Тевдовски.