20 април 2018, Вашингтон – Безусловната препорака на Европската комисија  Македонија да ги започне пристапните преговори ќе ја зголеми довербата на инвеститорите и ќе го поттикне економскиот раст, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Блумберг.

Во интервјуто, министерот наведува дека како резултат на солидната приватна потрошувачка и високите стапки на извоз, годинава се очекува забрзување на растот на 3,2%, додека следната истиот ќе се зголеми на 3,5%. Овие оценки го одразуваат зголеменото индустриско производство, кредитирањето и странските инвестиции, откако пред 11 месеци на власт стапи новата влада, со што заврши најголемата политичка  криза од независноста на земјата, пишува Блумберг.

– Ставот на Комисијата дава силен импулс за понатамошните реформи и е добар сигнал за странските и домашните инвеститори. Ова ги потврдува позитивните ефекти од политичката стабилизација и добрите перспективи на земјата, вели во интервјуто Тевдовски. Тој посочува дека најголемиот предизвик сега е да се искористи моменталниот позитивен политички и економски амбиент за понатамошен напредок и развој.

Во текстот, Блумберг посочува дека првата промена на власта по 10 години ги подобрила релациите со ЕУ. Исто така, истакнуваат дека земјата работи на решавање на спорот со името со соседна Грција.

Тевдовски за Блумберг вели дека годинава  се очекува Македонија да го оствари планираниот буџетски дефицит од 2,7% од БДП, како резултат на солидната наплата на даноците. Министерот за финансии очекува во рок од неколку години дефицитот да се намали на 2% од БДП.

Агенцијата пишува и дека Владата планира да ја спроведе даночната реформа, преку воведување прогресивен данок на доход со маргинална стапка од 18% за оние што остваруваат високи приходи, додека за останатите ќе остане 10%. Ова, како што се наведува, ќе придонесе за зголемување на приходите за околу 0,4% од БДП. Данокот на добивка нема да се менува и ќе остане 10%, пишува Блумберг.

Инаку, министерот за финансии Драган Тевдовски учествува на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд кои деновиве се одржуваат во Вашингтон. (МИА)

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.