Скопје, 28 јуни 2017 (МИА) – Јавниот долг е значително пораснат и мора да се преземат активности за да се реши тоа. Нашето настојување е да обезбедиме што пониска цена на задолжување, односно што помала каматна стапка што би ја плаќале граѓаните, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тевдовски на прес-конференција нагласи дека Министерството останува отворено и јавно кажа дека задолжувања ќе има, но пред сè на домашниот пазар каде што каматните стапки се пониски. Паралелно, рече, се следат и состојбите на надворешниот пазар, за да, евентуално, се издаде и еврообврзница под најповолни услови, за наредната 2018 година.
– Нашиот план е да одиме со домашно задолжување, но постојано ги следиме состојбите и не ја исклучуваме можноста да одиме на надворешниот пазар ако сметаме дека во тој момент би се платила најниска цена. Сега размислуваме како би се покривала 2018 година, но јавноста треба да биде сигурна дека со нашиот план и овие услови на домашниот пазар, ќе можеме без проблеми да ја покриеме годинава, истакна министерот.
За да се реализираат постојните расходи во Буџетот за 2017 година, Министерството за финансии ќе почне, на домашниот пазар, да повлекува поголеми износи од оние што достасуваат, односно, како што најави Тевдовски, ќе се зголеми нето повлекувањето на државни хартии од вредност. Истовремено, ќе се намали фреквенцијата на одржување аукции на државни хартии од вредност, на двапати месечно.
– Ова го правиме со намера да се поттикне секундарното тргување со државните хартии од вредност, каде што ќе се јават инвеститори кои имаат потреба од ликвидни средства на покуси рочности од оние што се нудат на редовните аукции на државата, објасни министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање, потсети дека од претходната обврзница се останати 203 милиони евра, средства кои е предвидено да се користат за покривање на старите надворешни задолжувања.
Тевдовски потенцира дека од моментот на стапување на должност на новата Влада, Министерството за финансии не креираше ново задолжување, туку само ги презапишуваше државните хартии од вредност што достасуваа во тој момент.