16 февруари 2018, Скопје – Клучни приоритети на Владата на РМ се унапредување на животниот стандард и приближување на земјата кон Европската унија, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, зборувајќи на тема „Кој е патот за интеграција и развој на земјите од Југоисточна Европа?“, на меѓународната конференција на високо ниво организирана од Народната банка на РМ.

-Тоа ќе го постигнеме преку дисциплинирана и транспарентна фискална политика, отворање на нови продуктивни работни места, реформи во судството и владеење на правото, унапредување на социјалната правда, поддршка на странските и домашните инвеститори, инвестирање во инфраструктурата и јавните услуги, како и интензивирање на процесите поврзани со евроатланските интеграции – истакна Тевдовски.

Тевдовски посочи дека кон крајот на 2017 година расположливите податоци укажуваат на закрепнување на економијата од последиците од политичката криза – тренд кој се очекува да продолжи и годинава со раст од 3,2% и понатамошно интензивирање на растот на среден рок. Извозот, растот на инвестициите од јавниот и приватниот сектор, како и приватната потрошувачка ќе бидат двигатели на растот на бруто-домашниот производ.

Како што истакна Тевдовски, покрај интеграциите кон ЕУ и НАТО, од исклучително значење за развој на економијата е и регионалното поврзување. Од таа причина се работи на повеќе проекти од областа на подобрување на инфраструктурните врски, олеснување на трговијата, соработка околу регулативата, како и заеднички настап на земјите од регионот на трети пазари. 

 

На панелот на кој се обрати министерот за финансии Тевдовски, земаа учество и министерот за финансии на Бугарија Владислав Горанов, вицегувернерот на Централната Европска банка Карло Монтичели, директор на Европската банка за обнова и развој за Југоисточна Европа Шарлот Руе, директорот за стратешки анализи за Југоисточна Европа во Европската инвестициска банка Дебора Револтела. 

Comments are closed.