Управата за финансиска полиција е орган во состав на Министерството за финансии на Република Северна Македонија со својство на правно лице, формирана на 26 јуни 2003 година согласно Законот за финансиска полиција.
Контакт
Кеј Димитар Влахов 4/4
1000 Скопје,
Република Македонија
тел/факс. 02/ 3231578
е-пошта: financial.police@finpol.gov.mk
Управата за финансиска полиција е орган со посебни овластувања согласно Законот за кривична постапка кој се грижи за доследна примена на прописите, особено од областа на финансиското, даночното и царинското работење. Со новиот закон прецизно се уредија надлежностите и овластувањата на Управата за финансиска полиција при откривањето и гонење на сложени појавни форми на организиран финансиски криминал во Република Северна Македонија.
Управата ги има следните надлежности:
- спроведува финансиска контрола, ја следи примената на даночните, царинските и други прописи од областа на финансиите, прибира и анализира податоци за готовински трансакции, презема предистражни и други мерки кога постојат основи на сомнение за сторени кривични дела од областа на организиран финансиски криминал; спроведува предистражна постапка за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал кои се гонат по службена должност и ја следи трагата на парите од казниви дела утврдени со закон што вклучуваат значителни и износи од големи размери;
- открива и документира кривични дела, пред се од областа на организираниот финансиски криминал и кривични дела коишто се гонат по службена должност, како што се даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, даночни, банкарски, осигурителни, берзански, царински и други измами со износи од значителни и големи размери, тешки форми на корупција, како што се злоупотреба на службената положба и овластување од значителни износи или на штета на средствата на Буџетот на Република Северна Македонија, примање поткуп и давање поткуп, како и предизвикување на лажни стечаи, фалсификување и уништување на деловни книги, фалсификување исправи, финансирање на тероризмот, неплаќање на царина, акцизи или други јавни давачки пропишани со закон, што вклучуваат поголеми, значителни и износи од големи размери;
- спроведува постапка за испитување на имот и имотна состојба врз основа на јавни податоци и регистри што се водат согласно со закон;
- спроведува предистражни мерки да се откријат и обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ, да се пронајде сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се сокрие или да не побегне, како и да ги соберат сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка;
- поднесува кривична пријава до надлежниот јавен обвинител за кривични дела од нејзина надлежност, кои се гонат по службена должност, за кои е известена или за кои ќе дознае на друг начин;
- поведува и води прекршочна постапка, како и поднесува иницијативи за поведување на прекршочна постапка до надлежните органи, доколку при извршување на своите надлежности утврди постоење на прекршочна одговорност пропишана со закон;
- поднесува иницијатива за поведување постапка за утврдување и наплата на јавните давачки пред надлежниот орган;
- врши експертска компјутерска анализа на одземени предмети, компјутерски информации или податоци од други електронски и механички направи кои содржат информации и кои можат да послужат како доказ во водењето на предистражната и прекршочната постапка од нејзина надлежност;
- организира и спроведува обуки, проверка на знаење на финансиските полицајци и врши управување со човечките ресурси;
- по барање на други државни органи и институции изготвува и дава стручни наоди и мислења од нејзина надлежност;
- соработува со сродни органи од други земји во согласност со билатерални договори и ратификувани меѓународни договори и
- врши други надлежности пропишани со овој и друг закон.
Со цел развој на капацитетите на Управата за финансиска полиција, а согласно со Уставот и законите на Република Северна Македонија, како и со ратификуваните меѓународни договори во областа на кривичната постапка, континуирано се имплементираат најдобрите практики кои органите на прогон ги применуваат во земјите на Европска унија.
Во Стратешкиот план за 2009 – 2011 година на Управата за финансиска полиција се содржани проектите и програмите во кои се дадени идните мерки и активности што ќе ги презема Управата за финансиска полиција, а со кои се става акцент на продолжување на реформите на казненото законодавство, особено во сферата на превенцијата и репресијата на финансискиот организиран криминал и корупцијата.