Скопје, 24 јануари 2012 (МИА) – Од утре почнува апликацијата за проектот „Купи куќа, купи стан“. Владата очекува голем интерес од граѓаните за проектот кој ќе им овозможи да го решат едно од најважните прашања – обезбедување дом.

 

Ова е продолжение на активните мерки и политики на Владата за решавање на станбеното прашање и поддршка за илјадници граѓани за негово решавање, рече премиерот Никола Груевски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претставници на банките кои се вклучени во реализација на проектот.

 

– На ова поле во изминатите години активно се работеше и во сите краеви на земјава се изградија голем број станови за комерцијална продажба, како социјални, наменети за брачни двојки, за лица со ниски примања, за граѓани излезени од домови за деца без родители и други. Од оваа година тие политики се манифестираат и преку почнување на проектот „Купи куќа, купи стан“, истакна премиерот.

 

Според него, тоа претставува јасна демонстрација на волјата и конкретната заложба на Владата за поддршка на илјадници наши граѓани за решавање на едно од најважните прашања во нивниот живот, обезбедување сопствен дом и дом за своето семејство, што, како што истакна, за многу граѓани претставува постојана грижа, постојана главоболка и долгогодишен проблем.

 

Посочувајќи дека во минатата година има многу голема разлика меѓу бројот на изградени 871 станови и склучени 14.155 бракови, премиерот рече дека многу од овие семејства имаат голема потреба да го решат сопственото станбено прашање.

 

– Немањето сопствен дом е причина поради која голем број брачни двојки своите примања ги издвојуваат за закупнини и месечни кирии или пак живеат во заедница со поширокиот круг на своето семејство. Оние, пак, кои штедат и собираат средства за да изградат куќа или пак да купат стан се соочуваат со долг и мачен процес во кој сечија поддршка е добредојдена. Ваквите тенденции во голем број случаи негативно влијаат и на самата одлука за стапување во брак, а истите се причина и за воздржување од проширување на семејството. Токму затоа Владата реши со серија мерки да ги помогне своите граѓани, истакна премиерот.

 

Тој упати апел до граѓаните да ја искористат оваа можност и да аплицираат за учество во проектот, а до градоначалниците со порака да обезбедат повеќе локации за изградба на куќи, кои, како што истакна, имаат многу предности во однос на станот, како можност за надградба и проширување кои одат заедно со проширување на семејството.

 

Апликациите до банките, како што информира министерот Ставрески, ќе се доставуваат до 1 март, по што ќе следи одобрување и првите кредити треба да се исплатат на почетокот на април. Проектот е наменет за сите граѓани, а особено за оние што имаат пониски примања и на кои им е потребна поддршка на почетокот.

 

– Бидејќи најголем проблем за голем број граѓани е секогаш почетокот, понудивме два модели. Првиот е половина рата и тој дава шанса Владата пет години да отплаќа половина од месечната рата од станбениот кредит на граѓаните. Всушност сите оние коишто отплаќаат кредити знаат дека најтешко е на почетокот и токму затоа го понудивме овој модел. Вториот модел е половина учество, Владата ќе плаќа половина од учеството за да се добие станбен кредит. И кај двата модели каматната стапка е повластена, односно значително помала од пазарната. Во случајот на моделот половина рата каматната стапка што ја договоривме со банките ќе биде 4,99 проценти во првите три години, односно 5,5 проценти во четвртата и петтата година. Кај вториот модел каматната стапка е еуролибор плус 4,5 проценти и таа ќе биде за цело време на проектот, изјави министерот за финансии.

 

Тој очекува голем интерес, а во случај да се поднесат повеќе апликации од обезбедените средства, селекцијата ќе се прави по електронски пат при што ќе имаат предност оние кои имаат пониски плати и бараат помал кредит. Долгорочно гледано, појасни, Владата ако има интерес и доколку економски е можно да ја разгледа можноста за зголемување на средствата за овој проект за годинава и за следните.

 

Тој се надева дека ќе се појави и недостаток на ставови со цел да се мотивира поголема изградба на станови, иако истакнува дека за годинава има доволно станови. – Од контактите што ги имаме со градежните компании, рече министерот, тие имаат интерес да учествуваат во проектот. Дел од нив веќе имаат изградени или станови кои се во фаза на завршување како во Кисела Вода, Карпош 4, Ново Лисиче и каде цената е некаде над 900 евра во моментов, но оти се мотивирани да учествуваат во проектот и да ја спуштат. Станови има и во внатрешноста на земјата кои се под утврдената максимална цена во проектот.

 

Покрај можноста за купување нов стан и изградба на куќа ќе може да се поднесе барање и за доградба на куќа, но тогаш ќе треба градежната дозвола да гласи на лицето кое е кредитобарател. – Очекуваме да има тука голем интерес бидејќи е двојно поевтино да се изгради куќа отколку да се купи стан, истакна Ставрески.

 

Банкарите го оценуваат како добар проект кој ќе овозможи многу млади луѓе да го решат станбеното прашање по поповолни услови и пониски цени.

 

– Како банки добиваме нови клиенти, кои досега не биле во можност да користат станбени кредити, како и сигурност во наплатата на кредитите особено кога половина од месечната рата ја плаќа Владата, истакна Јанчевски и додаде дека доколку се оствари планираната бројка од 2.500 тоа би помогнало и во надминување на негативните ефекти од кризата која не очекува оваа година и би значела значителна поддршка за градежниот сектор како двигател на економијата.

 

За подобро информирање на заинтересираните граѓани, Министерството за финансии почнува караван во сите поголеми градови во Македонија, со цел граѓаните да бидат максимално информирани за сите аспекти на проекти и на најлесен начин да можат да ја искористат шансата.

 

Услов за учество е барателите на кредитот да немаат примања поголеми од 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра метар квадратен, а кредитот да не надминува 50.000 евра.

 

Барањата може да се поднесуваат до НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка – Битола.

 

Comments are closed.