Скопје, 22 февруари 2017 (МИА) – Рангирањето на Македонија на 31 место на индексот на економски слободи на фондацијата Херитиџ, и напредокот за 10 поени во само десет години е феноменален и нешто што не сум го видел на друго место. Треба да се гордеете со тоа, порача амбасадорот Тери Милер, директор за трговија и економија на оваа фондација на денешната презентација на извештајот во Скопје.

Тој истакна дека Македонија почнале да ја следат во 2002 година кога, како што рече, состојбите не биле така идеални, а оти првиот прогрес е забележан во периодот од 2006 до 2007 година, откога тој константно продолжува.

– Тенденцијата на графичкиот приказ на прогресот изгледа драматично. Тоа е пораст за десет поени во последните десет години. Ова го немам видено никаде во светот. Ова е показател за тоа како Македонија остварила резултати во историјата. Вие сте независни околу 25 години, а економските резултати што ги покажавте во изминатите десет години се феноменални, истакна Милер.

Оваа година, рече, добивте 70,7 поени, категорија за претежно слободни земји. Швајцарија, која е четврта земја на индексот, е десетина поени пред Македонија, а вие се искачивте 10 поени во последните неколку години. – Така што, небото е само граница. Кога имате земја чие население е посветено на реформи можете да направите речиси сè, додаде Милер.

Антони Ким, менаџер за истражување во фондацијата се согласува со Милер дека нема причина зошто Македонија да не може да се приклучи на првите десет земји лидери во економски слободи во светот.

– Можете да бидете Естонија доколку го сакате тоа, или Швајцарија. Сега го имате моментот што може да го искористите, како и полетот од добриот напредок. Добрите политики што вие ги имплементирате изминатите години навистина се исплатат и затоа во 2017 година се наоѓате на ова место. Тоа е нешто со кое навистина треба да се гордеете и треба да продолжите со овој позитивен момент, рече Ким.

Министерот за финансии Кирил Миноски смета дека рангирањето на Македонија е показател за спроведените реформи и посветеноста.

– Годинава во конкуренција на 186 земји Македонија е рангирана на 31 место, со што, во споредба со минатата година, го подобривме рангирањето за 16 места, додека во споредба со 2006 година имаме подобрување од 47 места. На ваков начин Македонија е лидер во регионот според индексот на економските слободи, како убедливо економски најслободна земја во регионот, петнаесетина места над најблискиот конкурент од соседството и пред многу поразвиени европски економии на листата, што е показател за нашето залагање во реформскиот процес, рече Миноски.

Ова рангирање, додаде, значи многу за Македонија бидејќи индексот вреднува индикатори важни за инвеститорите и бизнисот, како што се сопственички права, интегритет на Владата, даночно оптоварување, слобода на бизнисот, слобода на трговијата, слобода на инвестирањето…

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.