19 септември 2017, Скопје – На јавна дискусија презентирана е Нацрт-стратегијата за управување со јавните финансии. На презентацијата беше отворена дискусија меѓу претставници на меѓународните заедници, експертската јавност, невладините организации и други засегнати страни, со цел да се слушнат нивните сугестии и мислења.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, до крајот на годината Македонија ќе ја добие првата Стратегија за управување со јавните финансии. Стратегијата се однесува на периодот од 2018 до 2021 година и таа содржи акциски план за реформи на сите поважни елементи на системот за јавни финансии.

– Ова е првпат Македонија да има ваква стратегија. Важна е од три големи причини. Таа содржи акциски план за реформи на сите поважни елементи на системот за јавни финансии. Со оваа стратегија започнуваме да мислиме на еден подолг рок што е многу различно од оние ад хок промени во системот. И само ако ја гледаме целината и правиме промени на долг рок може да не доведе напред. Третата причина е промените  што се дизајнирани во оваа стратегија се во насока на најдобрите европски стандарди и практики, што значи дека ќе не донесат поблиску до системот на ЕУ, изјави министерот на почетокот на презентацијата.

Министерот посочи дека стратегијата е доста амбициозна и дека е почнато со реализација на сериозни мерки од неа како што се мерките од фискална траспареност.  Тевдовски истакна дека изминатиот период се работело на подобрување на среднорочното буџетско планирање и дека имаат целосна решеност системот на јавни финансии во Македонија да се однесе на едно повисоко ниво, односно на ниво на ЕУ.

Во текот на дикусијата добиени се и конструктувни идеи и мислења од универзитетските професори, од невладините организации и препораки од меѓународните организации како Светска банка и ММФ, кои ќе бидат од голема помош за тимот на Министерството за финансии.

 

 

Comments are closed.