Јавно-приватните партнерства (ЈПП) во многу земји се клучен инструмент за реализација на приоритетните инфраструктурни проекти.

Јавно-приватните партнерства (ЈПП) во многу земји се клучен инструмент за реализација на приоритетните инфраструктурни проекти. Актуелноста на овој облик на инвестирање произлегува од вообичаеното мислење во јавноста дека земјите непотребно се задолжуваат со кредити под високи камати, а всушност преку ЈПП може да се обезбеди многу порационален и поедноставен начин на реализација на големите инфраструктурни проекти. Идејата, всушност, е стара колку и стариот Рим, а целосно се разви во капиталистичките пазарни економии. Финансиски и стратегиски најзначајни проекти реализирани преку ЈПП (концесија) се тунелот под каналот Ла Манш, Суецкиот Канал, Панамскиот Канал, мрежата на автопатишта низ Шпанија итн. ЈПП доби во значење последниве дваесет години, што се објаснува со неколку фактори: се надминува проблемот на недоволни буџетски средства за реализација на крупни проекти; настојувањето да се оствари поголема корист врз основа на користење на знаењето (know-how) и методите на работа на приватниот сектор; и промената на улогата на јавниот сектор од директен учесник во субјект кој се јавува во улога на организатор, контролор и регулатор.

Во основа, идејата за ЈПП е многу едноставна: наместо државата, приватниот сектор го финансира и гради проектот, со право да го стопанисува во одреден временски период за да ја поврати инвестицијата. По завршувањето на тој период проектот се предава во сопственост на државата. Ако идејата е толку едноставна, се поставува прашањето што чекаат земјите во светот кои имаат слаба инфраструктурна мрежа и зошто не ги решат своите проблеми на ваков начин? Одговорот е јасен: концесиите не се ниту едноставен, ниту лесен и неризичен начин на реализација на инвестиционите проекти.  Но, да почнеме со ред. Прво и основно, терминологијата. Со оглед дека правната рамка е различна во разни земји, постојат и различни термини за ЈПП. Најпознати облици на ЈПП се БОТ (Built-operate-transfer) и ПФИ (Private Finance Initiative) со кои приватникот со свои средства го гради, одржува и управува проектот, а на крајот го враќа на државата; и концесија, кога приватниот партнер го изградува објектот на државно земјиште, а за тој објект му е потребно одобрение (концесија) од државата.  Целите што треба да се постигнат со ЈПП се: договарање и изведба на поголем број проекти, природна пазарна поделба на ризикот меѓу приватниот и јавниот сектор, поефикасно да се употребат средствата на даночните обврзници, користење на поголемата продуктивност на приватните претприемачи во изградбата и поголемата ефикасност во управувањето со објектите, создавање на дополнителна вредност преку спојување на финансиските и човечки ресурси, и стимулирање на економскиот раст. Иако формите се разликуваат од проект до проект, постојат неколку елементи што се карактеристични за најголемиот број ЈПП: 

Прво, долготраен договорен однос, кој достигнува и до 30 години. Долготрајноста е неопходна за приватниот претприемач да оствари поврат на вложените средства и да оствари профит. Да биде јасно, профитот, заедно со сигурноста на вложените средства, е единствениот мотив на приватниот партнер во одлуката за влез во ЈПП. Приватниот партнер добива надомест за изградбата и одржувањето на објектот или од корисниците на услугата (на пример, возачите што го користат патот што би го изградил и одржувал приватникот), или од јавниот партнер доколку надоместот од корисниците е недоволен (на пример, ако државата сака патарината за корисниците да биде супсидирана, т.е. пониска, тогаш мора да му надомести на приватникот дел од патарината со буџетски средства).  Финансирањето на проектот е делумно од приватниот сектор (сопствени или кредитни средства), а често и преку сложени договори во кои партиципираат неколку инвеститори. Погрешно е мислењето дека концесионерот вложува сопствен капитал – сопственото учество во најголем број случаи се движи меѓу 10 отсто и 20 отсто. Приватниот сектор има доминантна улога во дизајнирањето, проектирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето, финансирањето и управувањето со проектот, додека јавниот сектор во основа се фокусира на дефинирање на основните цели што ќе се постигнат, пред се’, квалитетот на услугите и нивните цени.

Потоа, прецизна распределба на ризикот меѓу приватниот и јавниот сектор, која е специфична од случај до случај, од проект до проект. Иако постојат многу позитивни примери на реализација на крупни инфраструктурни проекти преку моделот на ЈПП, неговото користење не може да се смета како солуција за се’ и за сите проекти. Постојат и многу пропаднати проекти што се реализирале како ЈПП. Затоа, од суштинско значење е јавниот сектор јасно да ги идентификува факторите што го чинат проектот оправдан за финансирање од приватниот сектор. На пример, многу полесно е преку ЈПП да се реализираат проекти во енергетскиот сектор отколку во патната инфраструктура. Причината е едноставна: првите имаат производ што е дефицитарен и може лесно да се продава на странскиот пазар. Во вториот случај се работи за големо почетно вложување, ризик дали сообраќајот во иднина ќе генерира доволни приходи, итн.  Сепак, ЈПП има перспектива, како во светот така и во Македонија. Овој модел кај нас, како и во други земји, ќе се користи главно за изградба на енергетски објекти, патна инфраструктура, болници и училишта. Во услови кога Македонија се наоѓа на прагот на членство во НАТО и ЕУ, новата законска рамка за ЈПП донесена пред еден месец, овозможува реализација на поголем број странски инвестиции и користење на претпристапни ЕУ фондови. Тоа, секако, не значи дека во иднина нема да се користат буџетски и кредитни средства за финансирање на проекти. Напротив, Владата веќе донесе одлука за започнување на крупен инвестициски циклус од 220 милиони евра, со кој по 20 години, конечно посериозно ќе се инвестира во изградба на локални и регионални патишта, водоводи, канализации, амбуланти и училишта во селските средини и општините. Истовремено, преку ЈПП ќе се зголеми бројот на финансирани проекти во овие и други сектори. Инфраструктурниот мозаик има многу коцки. Но, конечно почнува да се исполнува.

Зоран Ставрески

Comments are closed.