Со заем од 318 илјади евра од германската кредитната банка за обнова KfW ќе се врши ревитализација на водоводната мрежа во општина Радовиш.
 
Кредитот е обезбеден преку Владата на Република Македонија со поддршка од германската Влада под исклучително поволни услови со период на отплата од 28 години и грејс период од десет години, а со годишна каматна стапка од 2 отсто.
 
Договорот за заемот денеска во Радовиш го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот на општината Роберт Велков и директорот на Јавното комунално претпријатие „Плаваја“ Благој Лукаров.
 
– Се работи за исклучително поволен кредит кој со оглед на финансиските можности на Јавното претпријатие и општината нема да предизвика товар врз општината, а од друга страна ќе помогне да се реши дел од проблемот во однос на реновирањето на водоводната мрежа, истакна вицепремиерот Ставрески по потпишувањето на договорот.
 
Според градоначалникот Велков станува збор за значајна финансиска поддршка за општината со која ќе се изврши ревитализација на водоводната мрежа и ќе се обезбеди почиста и поквалитетна вода за пиење, а ќе се намалат и техничите загуби на ЈКП.
 
Заемот е дел од кредитот што македонската Влада во 2009 година го потпиша со KfW во износ од 8 милиони 635 илјади евра наменет за реализација на проектот „Водовод и канализација на општините“, фаза еден. Со проектот се опфатени општините Битола, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Кочани, Неготино, Радовиш и Тетово, а целта е да се обезбеди одржливо снабдување со вода за пиење на населението и подобрување на водоводните системи.(МИА)