16 мај, 2020 – Скопје – Министерката за финансии, Нина Ангеловска и претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски потпишаа договор за 16 милиони долари поддршка за aктивности на централната и локалната власт за искористување и успешно управување со финансиските ресурси и спроведување механизми за отчетност, на Државната изборна комисија да спроведе слободни и фер избори и да го следи финансирањето и трошењето на политичките партии за време на изборите, на граѓанските организации да се вклучат конструктивно во јавните политики и практики за поголема отчетност и владеење на правото, на Министерството за образование и наука да промовира меѓуетничка кохезија и граѓанска култура кај децата и младите и на законската рамка за производство на обновлива енергија, за да помогне да се зголемат инвестициите во домашно производство на електрична енергија, да се намали зависноста од увоз на енергија и да се овозможи одржлив енергетски систем.
„Го цениме проширувањето на партнерството со Соединетите Американски Држави и залагањето за постигнување заеднички цели“, изјави министерката Ангеловска.
„Овој договор е доказ за нашето партнерство, сега и од позицијата на НАТО созјузници. Оваа соработка за нас е од големо значење, особено во новото глобално окружување креирано од ковид-19 на кое треба да одговориме и да продолжиме со прогресот и нашиот пат кон Европската Унија“ – рече Ангеловска.
„Нашата заедничка цел е просперитетна, инклузивна и самоодржлива Северна Македонија“, рече амбасадорката Кејт Мари Бирнз. „Со борба против корупцијата, создавање можности за младите и поддршка на економскиот развој, ние се обидуваме да ѝ помогнеме на Северна Македонија да го постигне својот потенцијал како просперитетна европска земја целосно интегрирана во трансатлантските институции“.
Соединетите Американски Држави имаат инвестирано повеќе од 1,2 милијарди американски долари во Северна Македонија од 1993 година досега, вклучително и над 830 милиони американски долари преку УСАИД.