Вести|

12 ноември 2020, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска го достави Предлог-буџетот за 2021 година до претседателот на Собранието Талат Џафери и на овој начин беше симболично одбележано влегувањето на Предлог-буџетот во највисокото законодавно тело. Предлог-буџетот за 2021 година се доставува до Собранието навремено, дури и порано од рокот предвиден со буџетскиот процес.

На средбата, министерот Бесими посочи дека во насока на самостојноста на буџетот на Собранието – предлогот доставен од Собранието, е инкорпориран во Предлог-буџетот за 2021 година, како што е даден од страна на законодавното тело, без никакви интервенции.

Бесими истакна дека со Буџетот за 2021 година се прават системски измени коишто ќе постават основа за постратешко, подолгорочно и потранспарентно дејствување на јавните финансии во иднина, односно СМАРТ финансии. Овој Буџет воведува нов концепт на среднорочно планирање – односно 5-годишна рамка за капиталните проекти, растот и дефицитот. Со тоа ќе се зајакнат и капацитетите за планирање, но и реализацијата на таргетите. Исто така, ќе се воспостават и механизми коишто ќе го мерат импактот на проектите врз економијата, како и систем на наградување и казнување на оние што имаат добра реализација и на оние што потфрлиле.

Предлог-буџетот за 2021 година предвидува и средства за справување со ковид-кризата. Тој има три цели – поддршка на здравството, поддршка на економијата, како и системски реформи во правосудството и евроатлансите интеграции. Ова ќе се постигне преку стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (којашто содржи четири столба – 1. справување со ковид-кризата, 2. одржлив и зелен раст, 3. конкурентност на приватниот сектор и 4. човечки капитал, како и со политиките за фискална консолидација на среден рок.

Министерот истакна дека очекува една демократска расправа во Парламентот за Предлог-буџетот, една дискусија којашто ќе биде конструктивна и ќе нуди решенија и оптимално дејствување. Бесими нагласи дека во време кога целиот свет и глобалната економија се соочуваат со една од најголемите кризи, потребни се одлуки и решенија коишто на прво место ќе го ставаат здравјето на граѓаните, но во исто време и економијата. Тој додаде дека е ова е период кога исклучително е важно внимателно да следиме што се случува, да сме агилни – да дејствуваме брзо, но и да размислуваме стратешки на долг рок.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.