Вести|

29 ноември 2020, Скопје –  Преку спроведување на концептот на СМАРТ-финансии, на среден рок може да постигнеме двојно поголем економски раст во споредба со последната деценија, што би значело подобар стандард за граѓаните, нови работни места, повисоки плати, поквалитетно здравство, образование и животна средина, дигитализација на услугите и воопшто подобри јавни услуги. Концептот на СМАРТ-финансии веќе се имплементира во Предлог-буџетот за 2021 година, каде што за првпат има среднорочно планирање, но и се воведуваат механизми за следење на извршувањето. На овие теми зборуваше министерот за финансии, Фатмир Бесими на предавањата што ги одржа во рамки на „Деновите на финансиска писменост“ на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Универзитот на Југоисточна Европа.

Бесими посочи дека среднорочната рамка на новиот Буџет се заснова на основите или АБЦ-дата од три платформи преку кои треба да се обезбеди заздравување на економијата, а кои понатаму ќе делуваат како катализатор на растот. Тоа се А. Стратегијата за заздравување и забрзан раст или Стратегија за попаметен раст (SmartER Growth), Б. Политиките за фискална консолидација и Ц. Планот за јавни инвестиции 2021-2025.

Стратегијата за заздравување и забрзан раст на економијата се заснова на четири столба – економско заздравување од Ковид-19, забрзан инклузивен и одржлив раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности, изјави министерот за финансии.

Министерот посочи дека економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места, а по економското заздравување, предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Тие ќе бидат во насока на добро управување – односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите, како и обезбедување фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност, обезбедување локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.

Бесими истакна дека истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството.

Како што посочи министерот Бесими, инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети во Стратегијата за заздравување и забрзан раст. Ќе се работи на  развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување.

Покрај политиките и мерките од Стратегијата за попаметен раст, истовремено ќе се спроведуваат политики за намалување на дефицитот, односно јазот на приходната и расходната страна на Буџетот – преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и преструктурирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Исто така, преку инвестицискиот циклус од 3,1 милијарда евра за следниот петгодишен период од Планот за јавни инвестиции 2021-2025, ќе се поддржат проекти од патната, железничката, комуналната инфраструктура, гасификацијата, енергетиката, инвестиции во образованието и здравството итн. Освен планирањето на капиталните проекти во рамките на Националниот инвестициски комитет на ниво на Влада, ќе се воведат и методи за поттикнување на буџетските корисници за нивно извршување – како што е методологијата за „наградување и казнување“ која ќе почне да се реализира од Буџетот за 2021 година. Имено, доколку буџетските корисници не ги реализираат планираните капитални расходи со 15%, 40% и 65% за првиот, вториот и третиот квартал во годината респективно, средствата ќе им бидат одземени. Исто така, ќе се воведе методологија со којашто ќе се мери импактот на капиталните расходи врз економијата, посочи Бесими.  

Министерот за финансии се приклучи со свои предавања на „Деновите на финансиска писменост“ со цел подигање на свеста за важноста на финансиската едукација, бидејќи како што посочи – поголемата финансиска писменост на поединците е особено важна за економијата во целост, бидејќи носењето добри индивидуални финансиски одлуки  придонесува за подобри економски резултати во целост.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Comments are closed.