Вести|

17 декември 2020, Скопје –  „Министерството за финансии, наредната година, е предвиденo да ja реализира најголемата реформа во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закона: Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со оваа реформа ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Северна Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот“, истакна министерот за финансии на настанот „Берзите во 2020 година – осврт на локалниот и глобалните пазари“, во организација на Македонска берза.

Во делот на понудата на хартии од вредност, во 2021 година, информира министерот, се очекува да се реализираат деветнаесеттата и дваесеттата емисија на обврзници за денационализација, како и да се продолжи со издавање на континуираните обврзници.

Со техничка помош од Светска банка, започнува да се подготвува и Закон за менаџери на алтернативни инвестициски фондови. Со овој закон, којшто ќе биде целосно усогласен со Директивата за менаџери на алтернативни инвестициски фондови и Регулативата за фондови со ризичен капитал, ќе се зајакнат правилата и процедурите за работа на приватните инвестициски фондови, ќе се уреди постапката за лиценцирање на менаџерите на приватните инвестициски фондови и ќе се даде надлежност на  Комисијата за хартии од вредност за супервизија на истите.

За разлика од негативните показатели во реалниот сектор, на Македонската берза оваа година се забележува изразено зголемен обем на тргување со хартии од вредност. Ваквата состојба на Берзата, како што објаснува министерот, е резултат на неизвесноста предизвикана од корона-кризата, којашто доведе до редистрибуција на сопственоста на капиталот од инвеститорите коишто не се склони на ризик на инвеститорите подготвени да преземат поголем ризик, со цел остварување  повисоки приноси во иднина.

Во периодот јануари – ноември 2020 година, обемот на тргување на Берзата е зголемен за 11,0% што во најголем дел се должи на класичното тргување со акциите, коешто е зголемено за 58,4%  во однос на истиот период од 2019 година. Зголемениот обем на тргување може да се потврди и преку просечниот број трансакции којшто е зголемен за 25,3% и преку вредноста на просечниот дневен промет којашто е зголемена за 50,9%.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Comments are closed.