22 декември 2020, Скопје – Антикризните мерки го амортизираа падот на економската активност, којшто дојде како резултат на кризата предизвикана од ковид-19. Доколку не се дејствуваше брзо преку јавната потрошувачка, економскиот пад за првите три квартали ќе беше за 1,2 процентни поени поголем, односно наместо 5,9% за првите три квартали, ќе беше околу 7,1%. Во наредниот период, фокусот во економијата ќе биде пред сѐ заздравување, но и поставување основи за забрзан и одржлив раст, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на конференцијата „Социоекономско влијание на ковид-19 во Северна Македонија – научени лекции и препораки за успешна и одржлива обнова“ во организација на УНДП и Фајненс Тинк.
Министерот истакна дека целта, на долг рок, е преку забрзан но и одржлив раст, земјата да има економски резултати коишто ќе одговараат на просекот на ЕУ, односно тоа би значело развој и економски стандард којшто би соодветствувал на оној на развиените економии.
Бесими посочи дека тоа може да се постигне преку истовремено спроведување три платформи, односно Стратегија за заздравување и економски раст, политики за фискална консолидација и План за јавни инвестиции.
Министерот рече дека Стратегијата за заздравување и забрзан раст се темели на четири столба: економско заздравување од ковид-19, забрзан, одржлив и инклузивен раст, зголемување на конкурентноста и вмрежување во глобалните синџири на добавување и инвестирање во човечки капитал. Првиот столб, Економско заздравување од ковид-19 ги опфаќа приоритетите: заштита на здравјето на граѓаните и социјална заштита на најзагрозените категории во општеството и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места. Вториот столб, Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст се фокусира на добро управување, како што се владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите, фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност, локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина, зелена економија и дигитализација на економијата и јавните услуги, во чии рамки се предвидени различни мерки и активности. Во третиот столб, Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, фокусот е ставен на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири на создавање на вредноста, подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството. Во четвртиот столб, Развој на човечките ресурси и еднакви можности, опфатени се развој на човечките ресурси (образование, наука и здравство), поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување, во чии рамки се предвидени различни мерки и активности.
Согласно ова, проекциите на среден рок се дека растот ќе се удвои во следниот петгодишен период и тоа 4,6% раст во 2022 година, 5,2% во 2023, 5,6% во 2024 и 5,9% во 2025 година. Во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно.
Во однос на политиките за фискална консолидација, посочи министерот, тие ќе се реализираат преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктурирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит. Мерките коишто ќе се преземат на приходната страна се пред сѐ од аспект на намалување на сивата економија, јакнење на даночниот морал и стратегија со којашто ќе се оптимизира правичноста и функционалноста на даночниот систем. На расходната страна ќе се дејствува преку рационализирање и намалување на расходите, особено на тековните, додека ќе се зголемува и уделот и ќе се подобрува реализацијата на капиталните расходи. Од аспект на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, фокусот ќе биде на оптимизирање на портфолиото, и од аспект на трошокот и од аспект на одржливоста за рефинансирање.
Со спроведување на овие политики, постепено ќе се намалува буџетскиот дефицит на ниво под Мастришкиот критериум, посочи министерот за финансии на конференцијата. Согласно ова, проектираниот дефицит за 2021 година е на ниво од 4,9% што е за 3,6 процентни поени пониско во однос на буџетскиот дефицит проектиран за оваа година, во 2022 година е проектиран на -3,8%, во 2023 -3,2%, во 2024 -2,9% и во 2025 година -2%. Со фискалната консолидација одиме постепено, со цел да не го задушиме растот во посткризниот период, беше истакнато.