15 јануари 2021, Скопје – Странските директни инвестиции од Италија во земјава изнесуваат 107 милиони евра, но соработката има потенцијал да се продлабочи. Земјата добро се справува со ковид-кризата, додека преку четирите пакети антикризни мерки се дала поддршка на стопанството и на граѓаните за надминување на кризата, беше констатирано на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и новиот амбасадор на Италија во земјава, Андреа Силвестри.
Министерот Бесими го запозна новиот амбасадор со економската ситуација во земјава. Тој посочи дека минатата година, и покрај ковид-кризата, реализацијата на планираните приходи e над 99%.
Со четирите пакети антикризни мерки се таргетираа компаниите и граѓаните погодени од ковид-кризата, а истите беа насочени и кон заштита на здравјето на населението. Вкупниот износ на сите обезбедени пакети е околу една милијарда евра, или приближно 10% од нашиот БДП.
За годинава, беше посочено, нашата економија ќе се врати на патеката на економскиот раст, додека следната година ќе го достигне преткризното ниво. Годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, на потрошувачката и на нето-странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1%, согласно основното сценарио.
Со редизајнирање на буџетската политика и политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст – SmartER Growth Policies, се поставува цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување побрз економски раст на среден и на долг рок, посочи министерот.
На средбата, од двете страни беше изразена надеж за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји.