12 февруари 2021, Скопје – Продлабочување на економската соработка, но и забрзана реализација на значајни инфраструктурни проекти со што ќе се зголеми поврзаноста помеѓу РС Македонија со Република Бугарија, беа тема на разговор на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов.
„Во областа на транспортната инфраструктура, Владата на Република Северна Македонија е посветена на изградба на железничкиот дел од Коридорот 8. За првата и втората фаза средствата се веќе обезбедени, додека за третата фаза обезбедени се грант средства од ИПА 2 програмата и во тек е постапка за дообезбедување на финансиската конструкција“, рече Бесими.
Воедно, во тек е изградба и модернизација на патната инфраструктура на Коридорот 8, од граничниот премин Ќафасан со Република Албанија на запад па сѐ до граничниот премин Деве Баир со Република Бугарија на исток.
На средбата се дискутираше и за понатамошно подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка преку спроведување на Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии, како главна цел на твининг проектот „Зајакнување на буџетското планирање, извршување и функции на внатрешна контрола“ во рамки на кој Министерството за финансии соработува со Министерството за финансии на Република Бугарија, како една од земјите партнери во овој проект.