Вести|

16 февруари 2021, Скопје – Фирмите нема да ги враќаат средствата од мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март, доколку истите ги инвестираат во наредниот период во раст и развој, без разлика дали ќе остварат добивка или загуба на крајот на годината. Ова го најави министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес-конференција на која беше презентиран Петтиот пакет антикризни мерки.

За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март предвидени се 1,92 милијарди денари. Со мерката се очекува месечно да бидат опфатени по 60.000 работници. Финансиската поддршка ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 денари до 21.776 денари по вработен.

Како критериум за доделување на мерката ќе биде економскиот резултат, односно падот на приходите во месеците ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со истите месеци од 2019, односно 2020 година.

– Денес на Влада ќе ги имаме законите за исплата на плати за февруари и март. Досегашната мерка за исплата на плати наложуваше компаниите коишто покажале успех, односно оние што имале позитивен финансиски резултат, од нивната добивка требаше да ја вратат финансиската поддршка, додека тие што не прикажуваа добивка во текот на 2020 година, беа целосно ослободени од износот доколку притоа ги исполнат сите давачки кон државата. Новината што ја носи овој пакет-мерки којшто е фокусиран кон закрепнување и економски раст, е дека без разлика дали компаниите покажуваат загуба или успех, тие, согласно законот, следната година ќе треба да вратат 50% од субвенциите, освен доколку истите  средства во наредниот период ги инвестираат во раст и развој. Во тој случај ќе бидат целосно ослободени од нивното враќање. Фокусот на овој пакет-мерки е ставен на инвестициите и растот покрај на поддршката на закрепнувањето на економијата и на приватниот сектор – рече Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *