Вести|

14 март 2021, Скопје – „Фискалниот бројач“ е новата алатка за транспарентност на Министерството за финансии со високофреквентни податоци, којашто на дневна основа ги прикажува приходите, расходите во Буџетот и извршувањето на капиталните расходи, додека на месечна основа го прикажува државниот долг. Целта на оваа алатка, објавена на веб-страницата на Министерството, е понатамошнa отвореност на Буџетот кон јавноста, за да се постигне уште повисоко ниво на фискална транспарентност.

– Фискалната транспарентност е највисокиот степен на контрола на јавните финансии, бидејќи на располагање се ставаат информации коишто креираат јавно мислење, кое, пак, има висок степен на корективна моќ. Креирањето подобар систем на јавни финансии се состои, меѓу другото, и од постојани активности во насока на подигање на фискалната транспаретност. „Фискалниот бројач“ е алатка што придонесува во оваа насока. Таа на дневна основа го прикажува полнењето на државната каса, како и расходната страна на Буџетот, односно кумулативот од почетокот на годината до конкретниот датум на објава, како и степенот на реализација во однос на планот. Исто така, алатката дава високофреквентни податоци за извршувањето на капиталните расходи и на тој начин врши притисок врз сите институции за подобра реализација. Бројачот дава можност и за следење на државниот долг на месечна основа – податок којшто досега се објавуваше на квартално ниво. Сумарно, со оваа алатка се обезбедуваат високофреквентни податоци коишто претходно не ѝ беа достапни на јавноста, а сѐ со цел подобар увид во полнењето и трошењето на средствата од државната каса, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Наскоро, Министерството ќе излезе и со нова алатка којашто ќе креира поголема предвидливост во деловното окружување од аспект на законската даночна регулатива. Станува збор за „Даночен календар“, односно план на законски измени во даночната регулатива, идеја што произлезе од континуираниот дијалог со коморите.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *