Вести|

30 март 2021, Скопје – Полнењето на државната каса оди според планот и приходите се на повисоко ниво во однос на преткризниот период минатата година. Досегашната добра кондиција на Буџетот се должи на преземените мерки, но и на довербата на бизнис-заедницата. Владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулации на Министерството за финансии, е амортизиран за 3,9 процентни поени. Доколку се има предвид мултипликаторот од инвестициите овој ефект е уште поголем, односно над 4,2 процентни поена според некои прелиминарни анализи во Министерството за финансии, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на гостувањето во „Утрински брифинг“.

– Полнењето на Буџетот е согласно проекциите. Во однос на вкупните приходи заклучно со 26 март, тие се реализирани со 21,6%, додека расходите со 22,1% и капиталните расходи со 15,5% од планот. Од почетокот на годината до 26 март, споредено со истиот период лани, имаме раст на приходите по основ на даноци за 4,8% и по однос на придонеси за 3,5% – рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека овие резултати се должат, од една страна, на стимулот на економската активност преку пакетите антикризни мерки, а од друга страна на довербата од бизнис-заедницата, којашто, и покрај кризата, не се откажа од инвестициите и се воздржа од масовни отпуштања.

– Бизнис-заедницата покажа доверба во политиките и проекциите, не се откажа од инвестициите и не направи масовни отпуштања. Гледаме дека дел од компаниите дури имаа остварено и добивка во текот на 2020 година. Имаше и преструктурирање на дел од стопанството – дел од економијата се надополнуваше со секторите што беа поекспанзивни во овој период, а тоа се ИТ индустријата, фармацијата, производство на машини и опрема, коишто бележат раст. Има преструктурирање и во делот на приватната потрошувачка. Се забележува зголемување на потрошувачката на  прехранбените производи, како и на трајните добра за домаќинства – вели Бесими.

Тој посочува дека петтиот пакет предвидува мерки кои освен што ќе го поддржат бизнисот, ќе ја стимулираат и економската активност преку поддршка на инвестициите и преку зголемување на бројот на вработените. На тој начин ќе се делува кон забрзување на заздравувањето на економијата, а понатаму и кон забрзување на економскиот раст.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *