Вести|

27 април 2021, Скопје – До 15.000 евра грант за фирмите од областа на туризмот, угостителството, ивент индустријата, приватните здравствени установи, трговци – поединци и занаетчии, коишто ќе ја користат новата бескаматна линија „Ковид 4“, доколку вработат нови работници и ги зголемат приходите годинава. Денес, министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов ги презентираа условите на бескаматна линија од Петтиот пакет-мерки, за којашто ќе може да се аплицира по објавувањето на јавниот повик кон крајот на мај.

За мерката се издвоени вкупно 615 милиони денари (10 милиони евра) од Буџетот, коишто ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра. Мерката има за цел да ја поддржи ликвидноста во стопанството, но и да ја стимулира инвестициската активност на компаниите.

– Условите за оваа линија се подготвени на тој начин да ги наградуваат успешноста на фирмите во работењето, инвестициите и проширувањето на капацитетите. Линијата „Ковид 4“ предвидува грантови за успешност во случај фирмите да ги зголемат вкупните приходи во 2021 година за најмалку 10% споредено со 2020 година. Тие тогаш ќе имаат право да побараат грант од 30% од кредитот. Или доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5%, тогаш ќе можат да побараат грант од 20%. Доколку, пак, ги исполни и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50%. Вкупната сума на грантот може да биде од 600 евра, минимален износ, до 15.000 евра, максимален износ. Фирмите ќе можат да поднесат барање за грант до банката во моментот кога ќе отплатат 40% од кредитот – рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Директорот на Развојната банка, Кире Наумов информираше дека линијата ,,Ковид 4“ е наменета за микро, малите и средни трговски друштва до 250 вработени, од дејностите туризам, угостителство, ивент индустрија и транспорт, приватни здравствени установи, трговци – поединци и занаетчии, коишто можат да докажат пад на приходите од најмалку 30% и имаат капитал и резерви во своите биланси не помалку од 33% од износот на бараниот кредит.

– Износот на кредитот што ќе може да го користи одреден субјект ќе зависи од бројот на вработените во јануари, февруари или март 2021 година и од падот на приходите во 2020 година во однос на 2019 година. Субјектите што имаат пад на приходите помеѓу 30 и 50 проценти, ќе може да користат кредит од 15.200 денари по вработен, додека субјектите што имаат пад на приходите повеќе од 50 проценти ќе може да користат кредит во износ од 22.000 денари по вработен. Така на пример, субјект со 20 вработени, којшто претпоставуваме има пад на приходите од 35%, ќе може да користи кредит во износ: 15.200 денари по 20 вработени по 3 месеци = 912.000 денари (или 14.830 евра). Доколку овој субјект има пад на приходите од 60%, тоа е пад повеќе од 50%, тогаш ќе може да користи кредит најмногу до 1.320.000 денари (или 21.460 евра) пресметан на начин 22.000 денари по 20 вработени по 3 месеци – рече Наумов.

Корисниците на линијата „Ковид 4“, како и корисниците на линијата „Ковид 3“ не можат истовремено да ја користат мерката Финансиска поддршка за исплата на плати од Петтиот пакет-мерки. Корисниците на линиите „Ковид 1“ и „Ковид 2“ можат да бидат корисници на линијата „Ковид 4“ доколку претходно ги подмириле сите достасани обврски по основ на претходните кредити.

Исто така, сите потенцијални корисници на кредитната линија ,,Ковид4“ треба навремено да ги завршат обврските за пријавување вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици при Централниот регистар.

Рокот на отплата на кредитите од оваа бескаматна линија е до 42 месеца со грејс период од 12 месеци, додека отплатата на кредитот ќе се врши квартално, по 10% од главнината.

На прес-конференцијата беше информирано дека преку претходните три бескаматни линии „Ковид 1“, „Ковид 2“ и „Ковид 3“, коишто се целосно искористени, во стопанството се инјектирани се 44,1 милион евра. Поддржани се 4.078 фирми, од кои најголем дел микропретпријатија или 1.943 фирми. Во овие 4 илјади фирми вработени се 36.802 лица.

Со последната бескаматна линија „Ковид 3“ воведена е грант компонента за микро и мали субјекти раководени од жени, млади претприемачи, субјекти што извезуваат, оние што се дигитализираат и прилагодуваат дури и во време на пандемија предизвикана од коронавирусот. Барања за грант се очекуваат од 62% од кредитокорисниците на „Ковид 3“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *