8 мај 2021, Скопје – Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на РС Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Како што нотира агенцијата, рејтингот на РС Македонија е поддржан од доброто владеење, позитивната бизнис-клима, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс.
Aгенцијата предвидува годинава да се постигне економски раст од 3,9 проценти, и 4,3 проценти во 2022 година, при што истиот главно ќе зависи од развојот на пандемијата во РС Македонија и главните извозни пазари.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.
Оцените на агенциите за кредитен рејтинг влијаат врз одлуката на инвеститорите што размислуваат за инвестирање во регионот. Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае врз зголемувањето на економскиот раст, зголемувањето на извозот, зголемена вработеност и повисоки плати.
Воедно, агенцијата во својот извештај нотира дека конкурентните трошоци за работна сила и покрај зголемувањето на платите, како и добрите владини политики насочени кон привлекување на странските директни инвестиции и прогресот на преговорите за членство во ЕУ, исто така може да придонесе за подобрување на изгледите за привлекување странски директни инвестиции.
Потврдата на кредитниот рејтинг на државите во време на пандемија исто така влијае и врз намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите.
Имено, годинава како резултат на добрите економски политики, но и на потврдата на кредитниот рејтинг од страна на агенциите за кредитен рејтинг, беше издадена еврообврзница по историски најниска каматна стапка.
Во извештајот, „Фич“ги нагласува и стабилните девизни резерви.
Негативниот изглед во потврдениот кредитен рејтинг е одраз на надолните ризици на јавните финансии и економскиот раст на краток рок, пред сѐ поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.