11 јуни 2021, Скопје – Преку Проектот за модернизација на земјоделството, којшто е дел од четиригодишната рамка за соработка со Светска банка, ќе се обезбедат 50 милиони евра за унапредување на земјоделството, преку формирање систем на дистрибуција на земјоделските производи и храна, изградба на откупно-дистрибутивни центри, обуки и советодавни услуги за земјоделците, поголемо искористување на европските фондови, како и креирање систем за безбедно отстранување на животинските нуспроизводи. Ова беше посочено на денешната прес-конференција, на којашто министерот за финансии, Фатмир Бесими, директорот на Светска банка во Република Северна Македонија, Масимилијано Паолучи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа го презентираа проектот.
За финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството обезбедени се 46 милиони евра од Светска банка и 4 милиони евра грант од Европската Унија. Средствата од Светска банка се добиени под исклучително поволни услови, со рок на отплата 12 години, со вклучен грејс-период од 4 години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон, којашто во моментот изнесува 0,1%.
– Учеството на земјоделството во додадената вредност на бруто-домашниот производ во нашата земја е околу 10%. Ако се земе предвид дека половина од територијата на земјава е под земјоделска површина, потенцијалот во БДП е многу поголем. Најпрво, потребни се системски решенија што ќе обезбедат помасовно, поквалитетно а со тоа и поконкурентно производство, второ, вмрежување и креирање добар систем за сигурен пласман на земјоделските производи и трето, подобрување на институционалните капацитети, особено во насока на искористување на европските фондови. Проектот за модернизација на земјоделството, за којшто заедно со директорот на Светска банка за Република Северна Македонија, Паолучи потпишавме договор за финансирање, ќе придонесе да се подобри конкурентноста во земјоделството и да се зајакнат институционалните капацитети на земјоделскиот сектор за пристап до европските фондови. Но воедно ќе помогне и во подобрување на квалитетот на земјоделските производи и воведување стандарди при земјоделско производство, со што ќе се зголеми вредноста и конкурентноста на земјоделските производи на меѓународните пазари. Понатаму, предвидено е зајакнување на институционалните капацитети во однос на подготовка и спроведување на програмите за земјоделство и рурален развој, како и подобро искористување на европските фондови. Исто така, проектот предвидува воспоставување систем при управување со државно земјоделско земјиште и систем за безбедно отстранување нуспроизводи од животинско потекло – рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Директорот на Светска банка, Масимилијано Паолучи посочи дека кај нас не се користи целосниот потенцијал на земјоделството поради ниската продуктивност, недостатокот на пристап до нови технологии и можности на пазарот, како и поради ограничено познавање на менаџментот и маркетингот од страна на помалите земјоделски производители и агробизниси. Исто така, тука се лошото управување и практики по бербата, вклучувајќи лошо сортирање и оценување, како и несоодветно пакување при транспортот, што ги поткопува свежината и квалитетот на производот. Покрај тоа, Северна Македонија има лимитирани и технички застарени капацитети за складирање коишто имаат потреба од модернизирање, како на пример, преку климатско-отпорни центри за собирање и складирање на производите, коишто ќе бидат стратешки лоцирани и технолошки напредни и коишто ќе обезбедуваат целосен опсег на услуги за оценување, сортирање и пакување согласно стандардите за квалитет и испорака на купувачите.
– Новиот проект за модернизација на земјоделството ќе опфати некои од горенаведените прашања. Со помош на советодавни услуги, споделување знаење и воспоставување центри за набавка и дистрибуција, проектот ќе има за цел да поттикне модернизација што ќе доведе до подобрени производни практики и со тоа да го зголеми пристапот до домашните и меѓународните пазари – рече Паолучи.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Хоџа посочи дека овој проект содржи огромна развојна компонента за земјоделството, со сериозен позитивен импакт врз вкупната домашна економија.
– Проектот предвидува неколку компоненти од кои најзначајна за земјоделците е компонентата „Промовирање на конкурентноста во земјоделскиот сектор“, со вкупна вредност од 32 милиона евра, којашто опфаќа изградба на земјоделско-прехранбена платформа во Скопје, откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи во Струмица и Ресен и зголемување на пристапот до советодавни услуги за земјоделските производители и за секторот агробизнис – изјави министерот Хоџа.
Тој додаде дека Земјоделско-прехранбената платформа во Скопје, што ќе ги покрие Полошкиот и Кумановскиот Регион, ќе содржи откупно-дистрибутивен центар, современи „суви“ магацини, ладилници со перформанси што сега не постојат на национално ниво, како и посебен технички центар, којшто ќе содржи станица за чистење и дезинфекција на камиони, помошна опрема за пречистителна станица и станица за рециклирање отпад. Со инвестицијата во изградба на откупно-дистрибутивни центри во Ресен и Струмица, ќе се решат многу сегашни проблеми и ќе се постигнат многу подобрувања како што се подобрување на снабдувањето со безбедни и стандардизирани производи од свежа храна, полесен пристап на локалните производители до пазарот и ќе се надмине проблемот со складирање и чување земјоделски производи, од најголемите производствени региони на овошје и зеленчук, какви што се Преспанскиот и Струмичкиот Регион, што пак ќе придонесе за стандардизирано производство во големи количини и комерцијализација на домашниот и меѓународниот пазар.
Преку проектот ќе се зголеми пристапот на земјоделските производители и секторот агробизнис до висококвалитетни таргетирани советодавни услуги, за широка едукација за подобра имплементација на проектот, а вклучува и подобрување на сортите со таргет на најмногу бараните сорти овошје и зеленчук за извоз, воведување Глобал Гап стандард, поголем развој на органското земјоделство и воведување техники за борба против климатски промени.
Во рамки на проектот планирана е изградба на фабрика за преработка на нуспроизводи од животинско потекло, со што ќе се исполни уште едно барање во усогласувањето на Република Северна Македонија со стандардите и регулативите на ЕУ.