Вести|

23 јуни 2021, Скопје – Навистина добрата наплата на давачките во Буџетот од почетокот на годината, овозможи да се издвојат дополнителни средства за мерки за поддршка на стопанството и за капитални инвестиции. Од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5% во однос на лани, што се должи на навистина добрата наплата на даноците и придонесите, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на панел-дискусијата „Економско закрепнување на Република Северна Македонија“ на Скопскиот економски форум.

– Заклучно со најновите податоци со кои располагаме за наплатата на давачките во Буџетот, односно од почетокот на годината до 21 јуни, вкупните приходи се повисоки за 14,5%, со тоа што даночните приходи се повисоки за 19,3%, а придонесите за 5,8%. Иако споредбената основа лани вклучува и месеци кога реализацијата на приходите беше под силен ефект на кризата предизвикана од ковид-19, добра наплата на давачките во Буџетот имаше и до средината на март – односно период којшто не беше зафатен од кризата. Буџетот е во добра кондиција. Расходите се извршуваат редовно и навремено, а некои обврски се исплаќаат дури и предвреме, во насока на заштита на одредени категории граѓани, како што е случајот со предвремената исплата на пензиите – рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека со ребалансот на Буџетот, подобрата наплата на давачките во државната каса ќе се насочи кон потребите за имплементирање мерки за справување со кризата, потоа за субвенции, како и во насока на раст на капиталните инвестиции.

– Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, односно од иницијално планираните 9,4% се зголемува на 11,3% што е повисоко ниво од просекот во последните десет години (9,5%). Порастот се должи на обезбедување средства за кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи, понатаму за кредитната гарантна шема и за формирање Фонд за истражување и развој. Исто така, се обезбедуваат дополнителни средства кај буџетските корисници за реконструкција на јавни здравствени установи, капитални инвестиции во областа на детската заштита и социјалата, во патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови и зголемен износ на средства за рурален развој – рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека по заздравување на економијата ќе се применат политики за постепена фискална децентрализација, во насока на одржување на стабилноста на долгот. Тој рече дека таа ќе се спроведе преку подобрување на наплатата на буџетските приходи (преку зајакнување на капацитетите и подобрување на услугите на УЈП и Царина, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата итн.), намалување и реструктурирање на буџетските расходи (преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, иновации и зајакнување на конкурентноста, изразена социјална компонента и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите итн.) и промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит (План за финансирање на заздравувањето и раст на економијата).

Министерот Бесими рече дека преку Планот за финансирање на заздравувањето и забрзаниот економски раст ќе се настојува да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс за намалување на фискалниот дефицит на среден рок. Исто така, и преку забрзувањето на економскиот раст на среден рок ќе се делува во насока на стабилизирање на долгот поради зголемениот фискален простор за негово сервисирање.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *