2 јули 2021, Скопје – Република Северна Македонија и Република Албанија работат на подобро меѓусебно поврзување преку проекти во енергетиката, инфраструктурата, како и преку олеснување на трговијата. Веќе се работи на интерконективното поврзување, а преземени се и повеќе активности за Коридорот 8, односно патно и железничко поврзување со Албанија. Активностите и можностите беа тема на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерката за финансии и економија на Република Албанија, Анила Денај остварена на маргините на „Преспа форум за дијалог“ во Охрид.
На патниот дел од Коридорот 8 веќе се работи на делницата Кичево – Охрид, а потпишан е и меморандум за разбирање за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар-Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан.
Министерството за финансии, заедно со надлежните институции, презема активности за обезбедување средства за финансирање на проектот за изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија, односно на првата фаза што ја опфаќа делницата Кичево – Струга.
Заедничкиот акциски план за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, значи развивање Регионален проект за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, којшто ќе ги имплементира идентификуваните активности во секоја земја. Проектот е од регионален карактер и во првата фаза ќе ги вклучи Северна Македонија, Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна, Црна Гора и Косово.
Предвидено е воспоставување Национален едношалтерски систем со подобрени модули од EXIM и CDEPS, како и Подобрување на граничните премини и терминали на Деве Баир и Ќафасан. Потпишан е договор за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и се очекува реализација на градежните работи од 2022 до 2023 година.
На средбата беа посочени и заложбите за фискална консолидација на Република Северна Македонија, како и за удвојување на економскиот раст и постигнување годишни стапки на раст на БДП од околу пет отсто.
Во Министерството за финансии во завршна фаза на изработка е Планот за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, којшто наскоро ќе се презентира и дискутира во јавноста. Овој план дава одговор за нови начини на пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор. Планот ќе придонесе да се зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс постепено да се намалува фискалниот дефицит, а со тоа и да се задржи долгот на стабилно ниво.
Главната поента на овој план е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, финансирани од Буџетот, од ИПА фондовите и од меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.
Планот предвидува креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија.