Вести|

22 септември 2021, Скопје – Повеќе средства и стабилни приходи на општините, со крајна цел подобри и поефикасни услуги за граѓаните и засилен локален развој, е целта на реформата за унапредување на фискалната децентрализација што ја подготви Министерството за финансии, а Владата нa вчерашната седница ги прифати предложените измени и дополнувања на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Реформата што на системски начин ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни и непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните, денеска на прес-конференција ја претставија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Како централна власт работиме заедно со општините за реализација на развојни проекти за да граѓаните добиваат навремени, ефикасни и квалитетни услуги. Истовремено, должни сме, и како централна и како локална власт, да ги подобриме условите за живот на сите граѓани во секој град, општина и населено место. Процесот на децентрализација мора да се заокружи на системски начин кој ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни, а од друга страна непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните“, истакна премиерот Заев.

Потсети дека во 2018 година со 50 милиони евра им се помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг, со цел да се ослободи развојниот потенцијал на општините којшто со години се таложеше во долгови и блокирани сметки и истакна дека сега се оди со трајни законски решенија за системска функционалност и самостојна работа на општините за финансиска независност, градење капацитети и услови за привлекување нови инвестиции за економски развој.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференцијата нагласи дека реформата се состои од три столба: зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите на општините, зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, и зголемена транспарентност и отчетност. Мерките и активностите, како што додаде, ќе обезбедат дополнителна демократизација на општеството, поефикасно и поекономично обезбедување и испорачување на услугите, како и засилен локален и регионален развој.

Со новото законско решение општините ќе добијат повеќе приходи од личниот данок на доход и од стапката на дотација од ДДВ.

„Со цел зајакнување на фискалниот капацитет на општините, во овој закон предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3% на 6% до 2024 година, односно процентот за 2022 година ќе изнесува 4%, за 2023 година 5% и за 2024 година 6%. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште“, рече министерот Бесими.

Додаде дека, дополнително во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, во Законот се предлагаат и измени за постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ од 4,5% на 6%. Со ова се овозможува обезбедување приходи од ДДВ во висина од 6% од наплатениот ДДВ остварен во претходната фискална година започнувајќи од 2024 година. Исто така, тука е предвидено порастот да биде постепен така што во 2022 година ќе изнесува 5% и во 2023 година 5,5%.

Средствата ќе се распределуваат во три фонда и тоа: во Основниот фонд 4,5% од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година и во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување по 0,75% од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година.

Министерот истакна дека со ова општините ќе имаат 1,7 милијарди денари повеќе средства.

„Согласно проекциите, со предвидените 3% од данокот на личен доход средствата за општините сега изнесуваат 600 милиони денари. Со дополнителните 3%, согласно Фискалната стратегија и планираните приходи, во 2024 година средствата за општините ќе изнесуваат 1,562 милијарди денари, односно 781 милион денари повеќе. По основ на дотација од ДДВ, во 2024 година со 4,5% предвидени се 2,8 милијарди денари, додека со 6% ќе добијат 3,7 милијарди денари. Тоа е една милијарда денари повеќе. Вкупниот ефект во 2024 година ќе биде 1,7 милијарди денари повеќе пари за општините на годишно ниво“, појасни Бесими.

Реформата предвидува и активности во насока на зголемување на финансиската дисциплина и ефикасност, намалување и репрограмирање на доспеаните, а ненамирени обврски.

Новина, како што истакна, е дека финансиска недисциплина ќе се прогласува по сила на закон, со исполнување на критериумите за настанување на финансиската недисциплина.

Додаде дека идејата не е да се блокираат општините, туку тие ќе имаат на располагање три инструменти, односно можност за користење условен кредит (standby) од Министерство за финансии, издавање општинска обврзница за познат купувач – Министерство за финансии и издавање структурна обврзница од страна на Министерството за финансии.

За користење на еден од инструментите, коишто се со времетраење до 10 години, општините ќе доставуваат барање до Министерството за финансии врз основа на Планот на мерки за надминување на финансиската нестабилност.

Во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, со реформата се предвидени мерки за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на обврските, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општински обврзници и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.

Исто така, во насока на зајакнување на фискалната одговорност на општините, со законските измени се очекува и зголемување на транспарентноста на нивното работење, со кое општините ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб-страници, како и зголемена отчетност во трошењето на сите средства доделени од страна на државата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *