Вести|

01 октомври 2021, Скопје – Организираниот криминал, криминалците и криминалните групи не познаваат граници и затоа регионалната, дури и меѓународна, соработка е најзначајна при справувањето со националните и регионалните предизвици со оглед на тоа што нашата држава и регионот не се исклучени од меѓународните криминални текови како и новите трендови во криминалитетот.

Ова го порача заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски на денешното отворање на дводневната Регионална конференција на тема „Организиран криминал, перење пари и финансирање тероризам“ во организација на Управата за финансиско разузнавање, а во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање во Северна Македонија“, финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и имплементиран од страна на Асоцијацијата за унапредување на демократијата – Демокраси Лаб.

Тој оцени дека заедничкиот напредок на регионот е од особена важност за да недостатоците во меѓународната соработка не бидат злоупотребени од страна на криминалците како предност при реализирање на нивните криминални цели и интереси, а дека ваквите конференции се важни затоа што на нив можат да се разменат добри практики и искуства, да се споделат проблемите со кои се соочуваат, со цел заеднички да можат да одговорат на новите форми што ги користат овие криминални групи користејќи ги новите технологии.

– Борбата против организираниот криминал, вклучувајќи го перењето пари како еден од најсофистицираните облици, е од врвен приоритет на Владата и на надлежните органи. Република Северна Македонија го гради системот за спречување перење пари и финансирање тероризам преку имплементирањето на меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам и презема голем број иницијативи за нивно што побрзо и поефикасно имплементирање. Како позначајни спроведени и активности што се спроведуваат во моментов се активностите за процена на ризиците поврзани со виртуелните средства, во јавноста попознати како криптовалути, и анализите за пристапот кон нивната регулација како и Извештајот за процена на ризикот од финансирање тероризам преку непрофитните организации во кој широко инклузивен процес учествуваа огромен број претставници од самиот сектор, истакна заменик-министерот.

Потенцирајќи дека перењето пари и финансирањето тероризам предизвикуваат сериозни економски и социјални последици, рече дека од голема важност е нивна превенцијата.

„Во синџирот на превенцијата значаен е секој чинител, односно целокупниот финансиски сектор, додека, пак, неопходна е и поддршката од страна на непрофитниот сектор. Имајќи предвид дека управите за финансиско разузнавање се особено важни во системите на откривањето на нелегалните финансиски текови и имајќи ја предвид можноста за брза и ефикасна размена на разузнавачки податоци преку ЕГМОНТ заедницата, од особено значење е нивно континуирано развивање како и зајакнување на нивните капацитети во секој поглед“, истакна Ковачевски.

Напомена дека е важно тоа што благодарение на системските напори и активности Република Северна Македонија е помеѓу 15-те земји со најмал ризик од перење пари и финансирање тероризам според т.н „АМЛ индекс“ којшто се објавува од страна на реномираниот Базелски институт за управување (Basel Institute on Governance) којшто е особено веродостоен на полето на истражувањата поврзани со перењето пари и финансирањето тероризам.

На Конференцијата се обрати и вицепремиерот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски и директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, а учествуваат претставници од единиците за финансиско разузнавање, како и претставници на банкарскиот и невладиниот сектор од земјава, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *