Вести|

7 октомври 2021, Скопје – Министерот за финансии, Фатмир Бесими ги започна активностите во рамки на Есенските годишни средби на ММФ и СБ, коишто и овојпат, поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19, се организираат онлајн. Министерот заедно со претставниците од МФ oдржаа средба со претставници на Одделот од ММФ за фискални прашања – ФАД. На средбата беше потенцирана техничката поддршка што ја добива МФ, како и напорите за спроведување на клучните реформи на управувањето со јавни финансии.

„ФАД е еден од нашите најактивни и највредни партнери и даватели на експертиза во клучните реформи на управувањето со јавните финансии и досега има обезбедено техничка помош во различни области на управување со јавните финансии“, истакна министерот Бесими на состанокот.

Техничката поддршка е значајна и таа е во насока на подобро планирање, подобрување на презентацијата на Буџетот, буџетирање проекти, дизајнирање индикатори, како и за воспоставување систем за постојано преиспитување на трошоците.

Процесот на изготвување на новата програма за управување со јавните финансии започна во септември 2021 година и треба да заврши до крајот на декември 2021 година.

Активностите на кои ќе им се даде приоритет во наредниот период, а за кои ќе се добие техничка поддршка, се во областа на имплементација на фискалните правила и Фискалниот совет од новиот Закон за буџети, зајакнување на управувањето со јавните инвестиции во МФ, зајакнување на капацитетот за планирање на ликвидноста, зајакнување на капацитетите за мониторинг на МФ во управувањето со фискални ризици коишто се поврзани со јавните претпријатија, претпријатија во државна сопственост, како и јавно приватните партнерства и контрола на трошењата.

Еден од врвните приоритетни проекти за МФ е и имплементацијата на системот ИФМИС со поддршка од Светска банка и ЕУ. ИФМИС е Интегриран информациски систем за управување со финансии којшто ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивното планирање до целосната реализација со што ќе влијае врз подобро буџетирање и реализација.

Тема на средбата беа и реформата за фискална децентрализација, како и Планот за финансирање на економско заздравување и забрзување на растот 2022-2026 година, којшто е насочен кон забрзување на растот и постигнување просечни стапки на раст над 5 проценти, фискална консолидација и зголемување на инвестициите.

„Владата на РСМ е посветена на напредокот во спроведувањето на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, со цел да обезбеди поддршка за поттикнување долгорочно закрепнување и поддршка на реформите, за поттикнување на економското закрепнување и конвергенција, како и регионална интеграција во регионот и со Европската Унија“, беше истакнато на состанокот.

Во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ, министерот Бесими, кој со гувернерката на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска ја предводат делегацијата на РСМ, ќе одржи повеќе состаноци со високи претставници на овие институции.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *