Вести|

19 октомври 2021, Скопје – Силни, ефективни и отчетни институции во јавниот сектор се клучни за воспоставување стабилно економско опкружување и одржлив раст, што се покажа и во услови на пандемијата предизвикана од ковид-19. Оттука, основната цел на водењето буџетско сметководство и буџетско известување е круцијално за управување со Буџетот и постигнување финансиска одговорност при изготвување и носење на деловните политики и одлуки, односно урамнотежено буџетско трошење од реално расположливите средства.

Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски кој се обрати на Обуката за сметководители во јавниот сектор на ИПСАС организирана од страна на ЦЕФ – Центарот за извонредност на финансиите, што се одржа денеска во Охрид.

Тој најави дека Министерството за финансии до крајот на 2022 година планира да спроведе реформа во областа на буџетското сметководство во насока на замена на „готовинското начело“ со таканареченото „модифицирано пресметковно начело“.

„Согласно „модифицирано пресметковно начело“ расходите ќе се евидентираат во моментот на настанување на деловниот настан во извештајниот период, а не во моментот на плаќање, а приходите и понатаму ќе се признаваат во моментот на наплатата. Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници. Ова начело ќе го имплементираме во системот на државниот трезор преку воведување на новиот Информациски систем за управување со финансиите“, рече Ковачевски.

Оцени дека сметководителите во јавниот сектор имаат важна улога во секојдневната работа и процесите на носење одлуки на институциите, имајќи предвид дека тие снимаат, известуваат, надгледуваат и ги коригираат државните финансии и обезбедуваат клучни инпути за процена на финансиските текови и носењето одлуки.

„Денес не е можно да се замисли работењето на јавниот сектор и остварувањето на неговите функции, активности и задачи без квалитетни сметководствени информации. Затоа, често се истакнува дека сметководството е деловен јазик и сите што имаат значајна улога во деловните процеси на јавниот сектор треба да го разбираат тој јазик. Сметководството, финансиското известување и обелоденувањето на сметководствените информации се битни претпоставки на добрата практика на финансиското управување во јавниот сектор“, рече заменик-министерот за финансии.

Тој посочи дека токму ваквите обуки се од суштинско значење за да се разберат стандардите на ИПСАС во процесот на напуштање на готовинското начело на водење на буџетското сметководство и преоѓање кон пресметковното начело и додаде дека во 2022 година е планирана реформа на сметководствената професија којашто ќе опфати воведување задолжителна обука и полагање испит за вршење сметководствени работи во јавниот сектор.

Обуката и испитот за сметководители во јавниот сектор во организација на ЦЕФ се единствени од овој вид што се организираат во РСМ и се со висок квалитет. Министерството за финансии очекува соработката со ЦЕФ да продолжи во областа на обуката и сертификацијата на сметководителите, како и во процесот на подготовките за спроведување национална сертификација на сметководителите од јавниот сектор во рамки на Академија за јавни финансии.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *