Вести|

5 ноември 2021, Скопје – „За 2022 година планираме развоен Буџет, со повисоки капитални инвестиции од дефицитот, и насоченост на парите според политики што ќе дадат поголем ефект кај граѓаните, бидејќи тоа се нивни пари, што значи дека ќе се добие „вредност за парите““, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју на емисијата „Вин Вин“ на телевизија Телма.

Целта на овој Буџет, како што вели министерот, е остварување повисоки стапки на раст и подобар животен стандард за граѓаните. Во Буџетот веќе се планирани најавените инструменти предвидени во Планот за забрзан економски раст, коишто треба да мобилизираат средства од приватниот сектор, при што и граѓаните ќе можат да учествуваат во реализацијата на важни инфраструктурни проекти. Станува збор за развојни, проектни, зелени обврзници, како и обврзница индексирана со инфлација. Министерот најави и развивање нова платформа со Блумберг со што ќе се овозможи и регионални банки да инвестираат во наши хартии од вредност.

Во однос на обврзницата индексирана за инфлација, министерот потенцира дека истата има за цел привлекување на расположливите средства на граѓаните.

„Првата цел е да се мотивираат граѓаните дел од заштедата што ја имаат во готовина да се искористи за купување на финансиски инструменти. Тоа значи дека ако некој има 10.000 евра заштеда подолго време, таа со текот на времето, поради растот на цените и воедно растот на инфлацијата, губи вредност. Десет илјади евра пред пет години и денес не вредат исто. Со тоа што граѓаните ќе купуваат обврзници од државата, парите ќе влезат во систем и се добива можност тие пари да се интегрираат и да се намали потенцијалот на неформалната економија“, рече министерот Бесими во интервјуто.

Притоа додаде дека втората придобивка од издавањето на оваа обврзница е што граѓаните ќе добиваат годишен принос на ниво на инфлацијата, така што парите нема да губат вредност. Третата придобивка е што парите ќе се користат за финансирање развојни проекти од национална важност преку што повторно ќе се вратат во економијата.

Важно е да се нудат пазарни инструменти што ќе ги мотивираат граѓаните да ги вложуваат парите онаму каде што ќе добиваат повеќе.

Ова е еден од инструментите, а на располагање на граѓаните ќе бидат развојната обврзница, проектната обврзница и зелената обврзница наменети исклучиво за капитални инвестиции, за што веќе постојат искуства во светот.

Според Бесими, овие инструменти ќе бидат можност и за нашите граѓани од дијаспората што ги чуваат своите пари во банките во развиените земји каде што каматата е скоро нула, да ги инвестираат во обврзница врзана со некој проект.

„Ќе имаат можност да инвестираат 10.000 евра или долари за обврзница за некој проект и на тој начин ќе инвестираат во развојот на нивната државата, а притоа парите им се гарантирани и добиваат приход поголем од оној што им го даваат банките во развиените земји каде што ги чуваат парите. На тој начин нивната поврзаност со државата е уште појака, не само економски, туку нивните пари се претвораат во инвестиција“, образложи министерот.

Министерот Бесими најави дека ќе се развива и нова платформа со Блумберг, со цел развивање таков финансиски пазар кај нас, со што ќе се овозможи покрај домашните банки и регионалните банки да можат да инвестираат во наши хартии од вредност, а со тоа да развиваме и нови инструменти што ќе значи повеќе пари за овие инвестициски проекти.

На гостувањето, Бесими нагласи дека, се донесени и важни стратешки документи, меѓу кои Планот за фискална одржливост и раст, како и политики за фискална консолидација.

Во однос на мерење на успешноста во реализацијата на инфраструктурните проекти со Буџетот за 2022 година, се воведуваат индикатори за успешност на реализацијата.

„Во однос на индикаторите за мерење на успешност, веќе во Буџетот за 2022 година имаме новини, петгодишни индикатори за успешност на реализација, наречени инпут и аутпут индикатори“, информира министерот и додаде дека во овој дел ќе се работи со техничка помош од меѓународни финансиски институции како што е ММФ.

Министерот нагласи дека воведениот механизам КАПЕФ веќе дава резултати во однос на реализацијата на капиталните инвестиции.

„За да имаме подобра реализација оваа година, воведовме механизам што предвидува секој квартал во годината да се прави контрола, но не само тоа туку и да се реалоцираат средствата со цел подобра реализација“, вели Бесими.

Министерот за финансии се осврна на растот на БДП за што рече „Министерството за финансии не ја промени проекцијата од 4,1 %, но индикаторите покажуваат дека тој ќе се надмине на годишно ниво.

Притоа јавниот долг не се зголеми и заклучно со третиот квартал изнесува 59,3%. Според првични проекции, јавниот долг и на крајот на оваа и следната година ќе биде понизок од оној што е проектиран во среднорочната стратегија, односно годинава би бил некаде 61,2%, а следната 2% понизок од проектираното односно околу 63,9%. Статистички бројките се менуваат, но трендот е тој и токму Планот за забрзан економски раст ги дава овие цели, забрзување на економскиот раст и воедно фискална консолидација, што значи јавниот долг и буџетскиот дефицит да бидат во рамки на мастришкиот критериум“, рече министерот.

Бесими смета дека најважно е нашата економија, којашто е мала, да се фокусира таму каде што има најголем потенцијал, а тоа се иновациите.

„Сите политики и стратегии во иднина треба да бидат насочени кон поддршка на инвестиции, иновации и развој, трансформација кон дигитална и зелена економија и не само за нашиот пазар, бидејќи нашиот пазар е мал за да успееме во една таква амбиција. На долг рок, треба да го подобриме трговскиот биланс и да создаваме повеќе доход кај нас, што ќе значи дека нашите граѓани ќе добиваат повеќе пари и ќе имаат подобар стандард“, вели Бесими и додава дека помошта треба да е насочена кон фирми што размислуваат на иновации, инвестиции и опстојување на пазарот. Затоа, како што појасни, се дава поддршка на фирми што ќе зголемат бројот на вработени и инвестициите за да можат дел од средствата што ќе ги користат да им се претворат во субвенции.

Министерот во интервјуто се осврна и на реформата за унапредување на фискалната децентрализација.

Тој појасни дека со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа им се дава поголем дел од ДДВ и од данокот на личен доход, што веќе ќе се применува од следната година.

„Покрај обезбедените повеќе средства, важно е дека се зајакнува финансиската дисциплина и согласно закон ќе се прогласува финансиска нестабилност, по што се предвидува план за надминување на таквата состојба преку повеќе инструменти. Еден од нив е на пример, структурната обврзница на 10 години којашто ќе се издава на прилично долг период за да се приспособат општините. Второ, преку обврзници што ќе ги издаваат општините а МФ ќе ги откупува и трето преку стенд бај аранжман. Постојните долгови треба да ги пријават до март и до јуни ќе се склучат договори со општини што имаат финансиска нестабилност за да веднаш се исчистат од акумулираните обврски“, нагласи тој.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *