15 ноември 2021, Скопје – Наредната 2022 година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата на КОВИД-19, клучна ќе биде грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата. Oва денеска го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на РС Македонија.
Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од оние за годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4% повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3% од БДП и е понизок за 2,2 процентни поена во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.
Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2022 година се планирани на износ од 37,8 милијарди денари коишто се за околу 27% повисоки во однос на 2021 година и се на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, со што се постигнува златното правило во јавните финансии.
Пред членовите на Комисијата, министерот Бесими истакна дека главна карактеристика на овој буџет е развојната компонента, обезбедување непречено финансирање на функциите на државата, како и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзаниот, инклузивен и одржлив економски раст.
„Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел капитални инвестиции. Во 2022 година, според сите карактеристики, ќе имаме „развоен буџет“. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27% во однос на 2021 година, поточно во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари повеќе за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се на историски највисоко ниво од 14% во вкупните расходи“, истакна министерот.
Клучно, според министерот Бесими, е што ќе се позајмува само за капитални инвестиции, а парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголем ефект за остварување на целите за повисок квалитет на животот, почитувајќи го принципот „вредност за вложените пари“.
Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и во железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Меѓу предвидените проекти се изградбата на автопатот од Коридорот 8, железничката пруга од Коридорот 10 и Коридорот 8, изградба на фискултурни сали, изградба и рехабилитација на основни и средни училиште, нови детски градинки, изградба на гасификациската мрежа….
„Притоа, за да се одговори на сѐ уште присутните предизвици од пандемијата на КОВИД-19, предвидени се повеќе средства во здравствениот сектор и истите се планирани на ниво од 7,4 милијарди денари. Значителен износ се однесува на набавка на вакцини против КОВИД-19; потоа за реконструкција на ЈЗУ во износ од околу 260 милиони денари; набавка на медицинска опрема, реновирање и опремување вакцинални пунктови, како и други програми“, рече Бесими.
Со Предлог-буџетот, покрај тоа што се планирани повисоки средства за капитални инвестиции, предвидени се и активности за подобра ефикасност и ефективност при нивното користење. Тоа ќе се постигне преку зајакнат мониторинг во рамки на механизмот за повисока реализација на капиталните расходи (CAPEF), воведување повеќе индикатори за мерење на успешноста на буџетските корисници и воведување Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем.
„На буџетирањето не смее да се гледа како на изолирана иницијатива, туку како на дел од пошироките институционални реформи, чија цел е повисок квалитет на живот на сегашните и на идните генерации“, истакна министерот и додаде дека потврда за тоа дека во 2022 година фокусот ќе биде ставен на капиталните инвестиции е и кратењето на тековните расходи до ниво од 86% од вкупните расходи.
Со Предлог-буџетот тековните расходи се намалени за 4,3 милијарди денари во однос на 2021 година или за 2% пониски, односно на ниво од 234,6 милијарди денари. Притоа, кај расходите за стоки и услуги, коишто се проектирани на ниво од 20,6 милијарди денари, има намалување за околу 6% или за 1,3 милијарди денари, како резултат на фискалната консолидација и сведување на минимум на оперативните трошења преку Буџетот.
Министерот порача дека граѓаните можат да бидат сигурни дека со Буџетот за 2022 година е обезбедена ликвидност што значи дека ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.
Останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на квалитетот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи. Предвидени зголемувања на платите има кај здравствените работници, инспекторите, судството и обвинителството, професионалните војници, вработените во ИПА структурата, шумската полиција.
Министерот оцени дека поставеноста на расходите за стоки и услуги обезбедува поефикасно користење на ресурсите за работа преку подобрено планирање и реализација на оперативните расходи, намалување на непродуктивните расходи, како што се расходи за патувања, договорни услуги и репрезентации, но и со истовремено воведување стандарди на трошења.
Социјалните трансфери се проектирани во износ од 124,5 милијарди денари. За исплата на пензии наменети се 64,4 милијарди денари, со цел да се овозможи достоинствено ниво на животен стандард, за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории 11 милијарди денари, за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност 1,4 милијарди денари, како и за активни политики и мерки за вработување 1,8 милијарди денари.
Со Предлог-буџетот за 2022 година ќе се подобрува и стандардот на учениците и студентите. Во 2022 година продолжува исплатата на студентскиот оброк за редовните студенти, а предвидено е и зголемување на стипендиите коишто се сведуваат на ист повисок износ од 3.500 денари за ученички стипендии и 6.050 денари за студентски стипендии.
Од Буџетот е предвидена и поддршка на приватниот сектор за побрз, инклузивен и одржлив економски развој. Проектираните средства се наменети за мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативната дејност, технолошки развој и истражување, новите инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување нови пазари, поддршка за создавање нови вработувања и слично. Ќе продолжи и поддршката за најпогодените сектори од ковид-кризата при што субвенциите се предвидени во износ од околу 4 милијарди денари. Во насока на зелена транзиција и подобро справување со климатските и еколошките предизвици, во областа на животната средина е планирана новата Програма за зелен развој во износ од 4 милијарди денари, којашто ќе биде во насока на намалување на емисијата на штетни гасови, подобар квалитет на водата, воздухот и почвата, како и користење нови обновливи извори на енергија.
Продолжува поддршката на земјоделскиот сектор преку исплата на субвенции и средства од програмата ИПАРД, а повеќе пари ќе имаат и општините преку реформата за унапредување на фискалната децентрализација. Во 2022 година, општините ќе добијат 500 милиони денари, или 21% повеќе од планираните средства во 2021 година, по основ на зголемувањето од 4,5% на 5% од ДДВ.
Министерот истакна дека главните економски политики и реформи во постигнувањето забрзан, одржлив и инклузивен економски раст во услови на пандемија на КОВИД-19 и исправени пред предизвиците на енергетската криза и нагорните ценовни движења, остануваат определба за подобрување на условите за функционална пазарна економија која ќе биде конкурентна на европскиот пазар и пошироко.
Во 2022 година се очекува забрзан раст, којшто е проектиран на 4,6%, при зголемување на бруто-инвестициите за 8,5% на реална основа. Проектирано е зголемување на финалната потрошувачка за 3,1%, на извозот за 8,3%, а се очекува и раст на бројот на вработени за 3,1%.
Исто така, се очекува стабилизација на стапката на инфлација којашто е проектирана на 2,4% во 2022 година, при што ценовните притисоци како резултат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се предвидува да се релаксираат од вториот квартал на годината.
„За 2022 година имаме поставено амбициозна цел, која, во контекст на предвидените политики, има солидни основи да биде остварлива“, рече министерот и додаде дека остануваме посветени на остварување на приоритетите за забрзан економски раст, со посебен фокус на здравството, фискалната консолидација, на тековните реформи, судството и евроинтеграцијата, зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, на развојот на човечки капитал, инвестициите во физичката инфраструктура, социјалната кохезија и на зајакнувањето на институционалните капацитети.
Буџетот е стратешки документ во кој Владата финансиски ги пресликува приоритетите во контекст на остварување на програмата во интерес на граѓаните. Поткрепа на остварувањето на овие цели се и донесените стратешки документи со среднорочна рамка од 2022 до 2026 година, на кои се базира конципирањето и планирањето на овој буџет.
Министерот на седницата истакна дека очекува конструктивна дебата во однос на предложениот Буџет за 2022 година.