Вести|

18 ноември 2021, Скопје – „Во 2022 година Буџетот има подобрена структура. Имаме 615 милиони евра капитални инвестиции коишто во вкупните расходи учествуваат со 14% и намалување на буџетскиот дефицит од 6,5% колку што е планиран годинава на 4,3% за следната 2022 година, кој е помал од планираното ниво на капитални инвестиции.“

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на гостувањето во „Економски магазин“ на ТВ Алсат, потенцирајќи дека не само како процент, туку има подобрување и во номинална вредност на капиталните инвестиции коишто во 2020 година изнесуваа 262 милиона евра, па со Буџетот за 2021 пораснаа на 391 милион евра, потоа со ребалансот на Буџетот на 485 милиони евра и во 2022 година се на ниво од 615 милиони евра.

Покрај повисокиот износ на капитални инвестиции, министерот потенцира дека е важно што се преземаат и активности за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции.

„Предвидениот инвестициски циклус ќе го придвижува економскиот раст на среден рок, истовремено имаме фискална консолидација, но и институционална реформа во однос на управувањето со проекти на национално ниво и нивната реализација. Ќе има техничка помош за подготовка на проекти и реализација, како и специјални единици во Кабинетот на премиерот за стратешките проекти, во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања за мониторинг и во Министерството за финансии за евалуација“, рече министерот.

Тој посочи и на резултатите од воведувањето на механизмот КАПЕФ врз реализацијата на капиталите расходи коишто од почетокот на годината досега имаат реализација од 56%, којашто е повисока во споредба со претходните години кога истата беше под 50% во истиот период.

„Минатата година, со сите предизвици со коишто се соочивме, успеавме да реализираме 81% од капиталните инвестиции што е повисоко од претходните години, а можеме да кажеме и во споредба со најдобрите години во последните две декади. Затоа во овој период, не случајно го воспоставивме и Планот за забрзан економски раст, којшто предвидува нови инструменти за поддршка на проектираниот раст во 2022 година од 4,6% и понатаму во следните години инвестицискиот циклус ќе го придвижува економскиот раст“, потенцира министерот за финансии Фатмир Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *