09 декември 2021, Скопје – Буџетски средства во висина од околу 5,4 милијарди денари ќе се прераспределат за зголемување на капиталните инвестиции, за здравството, за надминување на енергетската криза, како и за субвенции за земјоделство и рурален развој, за стипендии и студентски домови, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, образложувајќи ја Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници и фондови што денеска се усвои на Собрание.
Одлуката за прераспределба на средствата е согласно воспоставениот механизам КАПЕФ којшто ја следи реализацијата на капитални инвестиции.
„Со Одлуката, 930 милиони денари се обезбедуваат како финансиска поддршка на АД ЕСМ за надминување на енергетската криза. Дополнително, 780 милиони денари се обезбедуваат за подмирување обврски кон земјоделците по основ на субвенции за земјоделството и руралниот развој. За здравство се обезбедуваат 741 милион денари, во чии рамки се средства за јавните здравствени установи, за програмата за целосно здравствено осигурување, за набавка на вакцини против КОВИД-19, за лекови за ретки болести и слично. Понатаму 300 милиони денари се обезбедуваат за земјоделство, меѓу коишто и за реализација на проектите за изградба на браните Конско, Речани, за хидросистемите Равен Речица, Злетовица, како и средства за затворање на проектот Јужновардарска долина“, истакна Бесими.
Воедно се обезбедуваат 166 милиони денари за целосно завршување на проектот за изградба на социјални станови, 260 милиони денари за ТИРЗ и 418 милиони денари се обезбедуваат како финансиска поддршка на државни компании погодени од кризата.
Средствата се обезбедени со воспоставениот механизам КАПЕФ со којшто се воведе принципот на „наградување и казнување“ на буџетските корисници. Согласно овој механизам буџетските корисници имаа обврска да реализираат 15% од капиталните расходи заклучно со првиот квартал, 40% од капиталните расходи заклучно со вториот квартал, 65% од капиталните расходи заклучно со третиот квартал, односно 70% заклучно со 15 ноември.
Со Одлуката ќе се обезбеди подобра реализација на Буџетот на РСМ за 2021 година, во рамки на планираниот дефицит за тековната фискална година, истакна министерот.