Вести|

15 декември 2021, Скопје – Владата на вчерашната седница го усвои Предлог-законот за изменување на Законот за царинска тарифа, изготвен од страна на Министерството за финансии, со кој трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали за индустриско производство коешто е претежно наменето за извоз. Со ова се излезе во пресрет на барањата на компаниите за намалување на царинските стапки а воедно се врши и усогласување на истите со стапките во ЕУ, што е од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста на компаниите. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на прес-конференцијата на која го презентираше Предлог-законот, при што нагласи дека истиот е донесен преку инклузивен процес на консултации со коморите.

„Најголем дел од намалените царински стапки се однесуваат на индустриски продукти што како суровини и репроматеријали се користат во технолошко напредното производство, како и во секторите на автомобилска, металопреработувачката индустрија, металургијата, текстилната, како и кожарската индустрија, кои во 2020 и почетокот на 2021 година се соочија со сериозни потешкотии. Станува збор за увозни производи чии царински стапки се значајно повисоки во однос на царинските стапки што се применуваат во Европската Унија на истите производи“, истакна министерот.

Исто така, во услови на енергетска криза и на ценовен притисок кај енергенсите, со овoj предлог-закон, информира Бесими, се предлага укинување на царинската стапка на природниот гас.

„Со укинување на царинската стапка за природен гас се дава значајна поддршка на домашните компании и индустријата преку намалување на трошоците за производство. Истовремено, во услови на енергетска криза се дава и придонес кон поголема ценовна стабилност на овој енергенс, а се поттикнува и промена на користењето на енергенсите кон енергенси што помалку загадуваат“, нагласи тој.

Вкупната поддршка што му се дава на стопанството со овој предлог-закон изнесува 810 милиони денари или 13 милиони евра на годишно ниво или 12% од вкупните увозни давачки.

Со намалувањето на увозните давачки на ниво од ЕУ, висината на царинските стапки ќе се хармонизира со стапките што се применуваат во Унијата.

„Со овој предлог-закон се придонесува кон подобрување на конкурентноста на домашните компании, зголемување на атрактивноста на земјата со цел привлекување нови странски директни инвестиции од различни стопански сектори, проширување на производството на постојните капацитети на домашни и странски компании, како и зголемување на вработеноста“, истакна министерот.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *