9 февруари 2022, Скопје – Повеќе можности за финансирање проекти за компаниите, зголемена понуда на инструменти за инвестирање, како и привлекување странски инвеститори се главните цели на Стратегијата за развој на финансискиот пазар, што на предлог на Министерството за финансии ја усвои Владата на РС Македонија.
Главните домени на Стратегијата за развој на пазарот на капитал се: зголемување на понудата на сопственички хартии од вредност, преку стимулирање на иницијалните јавни понуди и целосна или делумна приватизација преку берзата со цел развивање на примарниот пазар на акции, потоа зголемување на понудата на должнички хартии од вредност преку издавање голем број различни типови обврзници со цел зголемување на инвестициите и промена на сопственичката структура, а заради потребата од развивање секундарен пазар на должнички хартии од вредност, како и зголемување на искористувањето на потенцијалите на институционалните инвеститори во функција на развој на пазарот на капитал, промена на архитектурата на небанкарската финансиска регулација и организиран (институционален) пристап во подигнување на финансиската едукација во доменот на пазарот на капитал.
Целта на Стратегијата е динамизирање на пазарот на капитал и достигнување развиеност на ниво на просекот во ЕУ. Притоа, како индикатори за достигнување се поставени нивото на пазарна капитализација, ликвидноста на пазарите на капитал, структурата на изворите за финансирање на проектите кај компаниите, структурата на инвестициските портфолија на индивидуалните инвеститори и нивото на финансиска едукација.
Улогата на финансиските пазари во сите земји е многу важна за економскиот раст. Централниот пункт на економските политики се инвестициите, па оттука и развојот на пазарот на капитал е значаен долгорочен економски фактор којшто влијае врз обемот на производство и вработеноста.
Покрај мерките за проширување на понудата на инструментите на пазарите на капитал, Стратегијата предвидува мерки за зголемување на побарувачката на хартиите од вредност, што се постигнува преку зголемување на атрактивноста на финансиските инструменти, олеснување на регулаторните ограничувања и подигнување на свесноста и финансиската едукација на учесниците.
Пазарот на капитал е местото каде што компаниите имаат можности за мобилизирање пофлексибилни извори на финансирање. Покрај доминантно застапените традиционални начини на финансирање преку банкарски кредити, на компаниите ќе им се овозможат алтернативи коишто ќе бидат од корист особено за оние во раната фаза на развој и за растечките компании, и тоа преку издавање хартии од вредност, како и организирање фондови за ризично финансирање. Имено, секоја идеја што успешно ќе се финансира и развие преку т.н. фондови за ризично финансирање или преку платформите за групно финансирање (crowdfunding), понатаму ќе може да се поддржи и преку пазарите на акции.
За домаќинствата, пак, пазарот на капитал претставува можност за долгорочни вложувања и остварување повисоки приноси, кои истовремено може да се стабилизираат преку диверзификацијата. Значаен акцент во Стратегијата е ставен на зголемувањето на учеството на домаќинствата и домашните и странските институционални инвеститори.
Привлекувањето странски инвеститори, со цел вбризгување свеж странски капитал, а со тоа и зголемување на стапките на раст на економијата ќе се спроведе преку дефинирање на начинот на презентирање на инвестициските можности на земјата, анимирање на компаниите за учество на регионални инвеститорски конференции, како и подигнување на визибилноста и достапноста на домашните хартии од вредност за странските инвеститори.
Во целиот овој процес важна улога игра и финансиската едукација со која ќе се доближат новите можности до потенцијалните корисници и нивно искористување од поголем број инвеститори.
Со цел зголемена ефикасност на регулаторните тела и сеопфатен пристап при регулирање, Стратегијата предвидува обединувањето на регулаторите на финансискиот пазар кои ќе имаат одговорност за сите процеси на финансиските пазари. Денес, финансиската регулација во Северна Македонија е поставена на тој начин што повеќе финансиски регулаторни тела регулираат одреден специфичен сегмент од финансискиот пазар.
Стратегијата e подготвена низ инклузивен процес на размена на идеи и консултации во рамките на Советот за развој на пазарот на капитал со кој раководи Министерството за финансии на РС Македонија.
Основните цели на Стратегијата се зголемување на придонесот на пазарот на хартии од вредност во БДП на земјата, зајакнување и задржување на стабилноста и сигурноста на финансискиот систем, поддршка за развој и имплементација на дигиталните решенија за зголемување на достапноста на инструментите на пазарот на капитал, подигнување на ефикасноста на процесите што се одвиваат во него и друго.