Вести|

10 февруари 2022, Скопје – Зголемувањето на минималната плата како мерка што е дел од владината програма, не значи само еднократен пораст на минималната плата, туку се предлага едно системско и одржливо решение понудено преку новата методологија.

„Зголемувањето на минималната плата од 15.200 денари на 18.000 денари е нејзино еднократно зголемување со цел да се зголеми учеството на минималната во просечната плата. Но, она што е клучно е дека станува збор за системско решение преку новата методологија за усогласување на минимална плата со 50% од порастот на просечната плата и 50% од процентот на индексот на живеење“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за „Агенда 35“ на МРТВ.

Тој истакна дека се очекува тоа да влијае врз зголемувањето на продуктивноста, како и врз конкурентноста на економија и дека ова е мерка којашто се надополнува на мерките што се преземаат за поддршка на стопанството и инвестициите, истражувањето и развојот, зајакнувањето на човечкиот капитал и конкурентноста, а со тоа и на стапките на раст.

Во интервјуто потенцира дека годинава главни предизвици кои ќе влијаат врз проекциите на раст се енергетската криза којашто почна во втората половина од минатата година, а особено во четвртиот квартал, и цените на европските пазари што се отсликуваат и кај нас.

„Како и за време на пандемијата, кога креиравме и реализиравме пакети за поддршка придонесувајќи падот на БДП да биде ублажен за 4,2% во 2020 година, реагиравме проактивно и во однос на енергетската криза. За да нема застои и да се обезбеди редовно снабдување со електрична енергија и цената на регулираниот пазар да биде ублажена, во ноември и декември 2021 година се обезбедија 90 милиони евра и во текот на оваа година околу 80 милиони евра. Една од мерките беше намалувањето на ДДВ за електрична енергија, како и пониската цена што ја понуди ЕСМ од цената на чинење, за да нема поголем раст на цената на електричната енергија кај домаќинствата. Друга мерка е и поддршката на ранливите категории кои добиваат помош за електрична енергија, која опфаќа над 35000 домаќинства и 9000 пензионери, како и мерката за енергетска сиромаштија што се спроведува откако беше прогласена енергетската криза“, потенцира министерот Бесими, додавајќи дека станува збор за мерки што се преземени со цел нашата економија да ја надмине состојбата со енергетската криза.

Порача дека во кризен период треба да се реагира веднаш и ургентно за да се спаси економијата и да се ублажат ефектите, а дека на среден рок се поставуваат темелите на фискалната одржливост.

„Тоа го направивме минатата година во Буџетот за 2021 година каде што дадовме една петгодишна рамка. Буџетскиот дефицит од 8,2% во 2020 година го намаливме на 5,4% во 2021 година, а беше проектиран на 6,3%. Оваа година имаме проекција на буџетскиот дефицит од 4,3%, и истиот до 2026 година да се сведе на ниво од 2,2%. Тоа значи дека помал буџетски дефицит со повисоки стапки на раст ќе придонесе кон намалување на јавниот долг. Притоа, на среден рок проектиравме забрзување на економскиот раст. Ако во 2021 година очекувавме раст од 4,1% (или повеќе), во 2022 година проектираме раст од 4,6% и истиот во наредните години да надмине 5% на годишно ниво“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *