Вести|

25 февруари 2022, Скопје – РС Македонија денеска доби грант од Европската комисија, во вредност од 225,6 милиони евра, за поддршка на инфраструктурни и енергетски проекти. Како што објави ЕК, средствата се одобрени во рамки на инвестицискиот пакет од 3,2 милијарди евра за зајакнување на поврзаноста на Западен Балкан.

Поддршката конкретно се однесува за кофинансирање на Проектот за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8 – трета делница (Крива Паланка – Деве Баир, граница кон Р. Бугарија), потоа за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за фотонапонска електрана Осломеј, како и за проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици. Инвестициските грантови се одобрени во рамки на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ, а со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), за што РС Македонија имаше поднесено апликации.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со еврокомесарите во Брисел, на којашто беше дискутирано за проектите, истакна дека станува збор за големи инфраструктурни проекти што имаат силна додадена вредност и се од големо значење за заздравувањето на економијата, како и за обезбедување енергетска стабилност.

Изградбата на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, делница Крива Паланка – Деве Баир, во должина од 23,4 км е од големо стратешко значење за државата. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 412,3 милиони евра за што преку инструментот ВБИФ се обезбедуваат 149,2 милиона евра.

Со изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје трајно ќе се реши третманот на отпадните води од градот Скопје, со што ќе се намали загадувањето на реката Вардар и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 136,7 милиони евра, при што од ВБИФ е обезбеден грант во износ од 69,8 милиони евра.

Во делот на зелената агенда и преминот од електрична на соларна енергија од големо значење ќе биде реализацијата на фотонапонската електрана Осломеј и проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици. Изградбата на фотонапонската централа Осломеј ќе чини 8,8 милиони евра и истата ја финансира АД ЕСМ – Скопје со заем од ЕБОР без државна гаранција, во износ од 5,9 милиони евра, потоа со грантот од ВБИФ што беше одобрен денеска во износ од 1,6 милиони евра и со сопствени средства во износ од 1,3 милиони евра.

За проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици со денешната одлука преку ВБИФ се обезбедуваат средства во износ од 5 милиони евра. Проектот опфаќа изградба на ФЕ Осломеј 2 со инсталирана моќност од 10 MW и ФЕ Битола со инсталирана моќност од 20 MW. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 25,5 милиони евра и истиот го финансира АД ЕСМ – Скопје со заем од ЕБОР во износ од 19,8 милиони евра, обезбеден со државна гаранција, со грантот од ВБИФ во износ од 5 милиони евра и со сопствени средства во износ од 0,7 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *